Економија 07.08.2018 19:09

За колку пораснал извозот во однос на лани?

За колку пораснал извозот во однос на лани?

Претходните податоци на Државниот завод за статистика, објавени вчера покажуваат дека вкупната вредност на извозот на стоки од Република  Македонија, во периодот јануари – јуни 2018 година, изнесува 169 098 440 илјади денари и бележи пораст од 13.4 % во  однос на истиот период лани.

Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – јуни 2018 година,  изнесува 225 660 248 илјади денари, што е за 10.8 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.  Трговскиот дефицит, во периодот јануари – јуни 2018 година, изнесува 56 561 808 илјади денари.  Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – јуни 2018 година, изнесува 74.9 %.  Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или
бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени  од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – јуни 2018 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.