Актуелно 19.07.2018 11:41

Заев тактизира или манипулира: Ветуваше обврзувачки, најави консултативен референдум за името!

Заев тактизира или манипулира: Ветуваше обврзувачки, најави консултативен референдум за името!

Македонскиот премиер Зоран Заев не може да се договори ниту самиот со себе каков референдум ќе има во Македонија.

Обврзувачки или консултативен? Прво најави дека ќе ги послуша барањата на опозицијата и дека референдумот ќе биде обврзувачки. Потоа изјави дека не знае каков ќе биде референдумот, за во последната изјава да каже дека истиот ќе биде консултативен.

Поранешниот претседател на Собранието на Република Македонија и актуелен пратеник, Трајко Вељаноски пред неколку недели го потсети премиерот Заев на она што тој го имаше кажано на собраниската говорница за референдумот околу промената на државното име.

По ова, Заев од собраниска говорница, јавно пред граѓаните, рече дека референдумот ќе биде обврзувачки.

-Во делот на економијата сакам да зборувам малку повеќе, но претходно не е чесно да се биде за Европската унија и НАТО, а да се даваат валкани провокативни предлози имајќи во предвид дека е убаво да се фати датумот кога Европскиот Совет носи одлука и заради тоа само ќе прашам дали требаше да одат претходно на референдум јас и мнозинството и за договорот со Бугарија, ако се такви тезите. Не, апсолутно не, се знае што референдумот има како цел, се знае што има ратификацијата како цел и се знае дека волјата на граѓаните е највисока и таа се почитува на крајот и затоа да, референдумот ве послушувам за советот господине Вељаноски ќе биде задолжителен, не консултативен, рече тогаш Заев.

Кон крајот на минатиот месец, Заев се предомисли. Истакна дека се уште не се знае каков ќе биде референдумот и дека за тоа допрва ќе се одлучува.

-Точниот датум кога тој би се одржал, какво ќе биде референдумското прашање и каков тип на рефенредум: обврзувачки или конститутивен, Владата ќе усогласува меѓу коалициските партнери и со опозицијата, тврдеше Заев.

Најверојатно, рече потоа, ќе останат роковите, крајот на септември и почетокот на октомври за референдумот и во тоа ќе помогнат Државната изборна комисија и експертите во Парламентот.

-Заедно со сите политички чинители и со граѓанскиот сектор ќе одлучиме дали референдумот ќе биде консултативен или обврзувачки, но она што треба сите да го знаат е дека резултатот ќе биде задолжителен. Тоа значи ако референдумот помине ќе треба да ја почитуваме волјата на граѓаните, да гласаме во Парламентот и да работиме, особено на реформите и на процесите кои следуваат, рече Заев.

Премиерот нагласи дека во прашањето ќе бидат договорот со Грција, како и ЕУ и НАТО.

-Во гласањето, сите опции се отворени, и се зависи како политичките чинители во државата ќе се усогласиме за граѓаните да добијат фер шанса и да се изјаснат онака како што мислат дека е најдобро за нивната иднина. Ги повикувам граѓаните да гласаат за македонската иднина, изјави премиерот Заев.

Кога вчера ги собра партиските лидери на една маса, Заев пак се предомисли.

По лидерската средба која се одржа во Клубот на пратеници,  Заев рече дека на средбата разговарале за референдумското прашање и можноста да биде консултативен.

-На средбата разговараме за можното референдумско прашање во насока на „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот со Грција?“ Во услови кога Собранието треба да донесе некоја важна одлука, референудмот да биде консултативен, пред Собранието да донесе важна одлука. Сепак волјата на граѓаните сите партии ќе треба да ја почитуваат. За ова разговораме сите кои останавме на средбата до крај, рече Заев.

Граѓаните на Република Македонија пред себе ќе имаат многу важно прашање. Прашање кое е важно за нивната иднина. Но, премиерот Заев тактизира или манипулира? Каков ќе биде референдумот и кога премиерот конечно ќе ја каже вистината, останува да чекаме.