Актуелно 20.07.2018 12:21

Заради царините од Косово денеска неоткупени 100 тони зеленчук и овошје

Заради царините од Косово денеска неоткупени 100 тони зеленчук и овошје

Два дена по 100 тони зеленчук и овошје на скопскиот Кванташки пазар останаа неоткупени бидејќи не се појавија косовските трговци. Ова е последицата од поголемата царина за 30 насто за 21 земјоделски производ која што ја воведе косовската Влада, а стапи во сила од денеска.

„Ситуацијата со робата е крајно драматична. Оваа роба што ја гледате тука оваа беше наменета да оди, сега ќе се фрли цела. Оваа царина од 30 отсто што ја воведе Косово е удар за економијата во целина. Не само за диња или праска, за се, за грозје, за сите овошни атикли што треба да одат за Косово, нема да одат. Откога е донесена одлуката во Косово како да секна наеднаш, како да е удар, многу лошо. 90% отстанува од целината што се внесува, 90% од робата останува на пазар што треба да се извезе на Косово“, рече еден трговец со земјоделски производи.

Косовските увозници на земјоделски производи за Алсат М велат дека на царинскиот премин Блаце е целосен хаос. Камионите натоварени со овошје и зеленчук веќе втор ден не се пропушаат.

КОСОВСКИ УВОЗНИЦИ:
Од вчера од 3 часот по полноќ камионот со овошје и зеленчук ми стои на терминал. На царина ни бараат банкарски гаранции, не знаат како да ја пресметаат царината. Не знаеме ништо, не ни кажуваат кога ќе не пуштат. Овошјето и зеленчукот од стоење ќе скапе. Ни викаат дека за ден два ќе се нормализира состојбата. Ова не чини, не само за нас извозниците туку и за граѓаните. Килограм зелка вчера беше 30 центи, денеска се продава по 70 центи. Одлуката мора да се укине веднаш“… ни изјави Беким Халити, трговец од Косово.

А, македонските трговци велат дека мерката ќе ги бутне откупните цени во Македонија.

„Нашите власти под итно да превземат мерки за ова, треба да ја ослободат или контрамерки мора да се превземе за тоа. Македонскиот пазар ако веќе нема извоз надвор, тоа сосема ќе биде блокада. Не само за нашиот пазар туку за самите земјоделци ќе биде катастрофално“, вели еден трговец.

За македонските власти мерката е правно и формално нејасна. Нема тарифни броеви на производите за кои се однесува одлуката. Се надеваат дека одлуката ќе биде веднаш повлечена.

„Ќе ги информираме и ЦЕФТА и Светската трговска организација и Европакста Унија за прекршувањето со оваа одлука на на сите овие договори и со овие дописи кои што се нашата прва реакција ќе бараме веднаш истата да биде повлечена. Очекувам дека таа ќе биде повлечена. Не знам од кој интерес е таа исто воведена. Ако тоа не биде направено во најктраток временски период ние ќе го заштитиме домашното производство“, изјави министерот за економија, Љупчо Николовски.

Според податоците од Министерството за земјоделство од заштитните царини на Косово најмногу се погодени доматот, пиперката и сливата. Од почетокот на годината извезени се овошје и зеленчук во вредност од 2,5 милиони евра. Македонија не увезува земјоделски производи од Косово,а се увезуваат отпадоци од легиран челик, вода, цефки и никелова руда.

Најнови вести