Американската модна марка „Henri Bendel“, позната по своите луксузни дамски чанти и чевли, ќе биде затворена по 123 години постоење, објави матичната компанија „L Brands“, пренесе дневниот весник „Dayli Mail“.
Веб-страницата, како и сите 23 продавници на брендот во САД, ќе останат отворени за овогодинешниот божиќен шопинг пред Божиќ и Нова година.
Но, од почетокот на следната 2019-та година, „L Brands“ ќе се фокусира на попрофитабилните марки на групацијата.
„Ние сме посветени на подобрување на деловните резултати и зголемување на вредноста за акционерите“, рече претседателот и извршен директор на „L Brands“, Лесли Вокснер.
„Како дел од овој напор, решивме да ги прекинеме активностите на „Henri Bendel“ за подобрување на ликвидноста и фокусот на нашите поголеми брендови кои имаат подобар потенцијал за раст“, рече тој.
Значи, следната 2019-та година ќе биде пресвртна точка за бизнис патувањето кое започна во далечната 1895-та година. Во таа година, родениот во Луизијана, Хенри Бендел, производител на шапки, ја отвори својата прва продавница во Њујорк.
Компанијата тврди дека „Henri Bendel“ е првата продавница за луксузни стоки која се отвара на познатата 5-та авенија во Њујорк, која денес е дом на сите главни луксузни брендови од целиот свет.
Во 1960-тите, компанијата го ангажираше познатиот Енди Ворхол како илустратор.
Во извесна фаза, благодарение на огромната популарност на серијата „Sex and the City“, „Henri Bendel“ освои нова генерација на симпатизери.
„Henri Bendel“, кој беше купен од „L Brands“ во 1985-та година, страда од лошата продажба. Компанијата очекува оперативна загуба од 45 милиони долари во 2018-та година, со приходи од 85 милиони долари, објави матичната компанија.
„L Brands“ ги контролираат популарните брендови, како што се „Victoria’s Secret“ и „Bath & Body Works“.
Минатата година групата, која работи со над 3.000 трговски објекти во САД, Канада и Велика Британија, објави 12 милијарди долари приходи.
Засега не е јасно колку вработени во компанијата ќе ги загубат работните места како резултат на затворањето на „Henri Bendel“.