Актуелно 15.07.2018 15:27

Земјоделието е на најниско ниво, здравството без ниту една реформа

Земјоделието е на најниско ниво, здравството без ниту една реформа

Земјоделието е на најниско ниво. Уште се чекаат оштетите од невремето од 2017та година, а од тогаш помина уште едно ново лето. Во исто време кога велат откупот на бостанот одел како што треба, демантот веднаш  стига, ги гледаме како бостанџиите стојат пред бензинските пумпи и го делат бостанот на своите сограѓани.

Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на протестниот марш во Кавадарци.

-Од министерството велат фатаморгана било фрлањето на лубениците.  Но, бидете сигурни дека тоа е реалноста. Лани беше исто со праските овде во Кавадарци и во Росоман, а како тргнала годинава којзнае како ќе биде и со пченицата, оризот, или грозјето, иако се уште се паметат зборовите на премиерот дека нема да дозволел никаков проблем со откупот. Гледаме сега викаат не знаеле како да го решат. Треба да знаеш да го решиш проблемот со откупот. Лесно е да ветуваш, кога ќе дојде денот да се справи со проблемите тебе те нема. Ќе завршиш на некој викенд на Халкидики и од таму се розево делува. Прашај ги овие луѓе како се печат под жешкото македонско сонце, порача Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсети на други неисполнети ветувања од страна на власта на Заев.

-Се сеќавате на двете фирми Еурокомпозит и Колска. Ете овие две компании беа меѓу првите ветувања на власта дека ќе се донеле трајни решенија и ќе проработеле. Поминаа 14 месеци, ниту решение има, а плати ако добијат некаква милостина еднаш или два пати годишно. Здравството стана министерство за смрт. Нема една реформа која ја направија, нема еден проект кој го спроведоа. А се сеќавате колку само гласни беа и низ какви болни судбини кариери градеа. А сега кога умираат бебиња во ГАК поради недостиг на инкубатори, а  пациентите крварат по ходниците, а докторите немаат ниту завој да ги преврзат, зошто тој мора нели приватно да се купи, никаде ги нема.  Затворени се во нивните кабинети под клима, увалени некаде длабоко во конфорните фотељи и ги нема да ја видат реалноста по која така жестоко плукаа кога беа горди опозиционери. Ги нема затоа што  нивна приоритет беше  како да се укине Советот за јавни набавки и да можат на полесен начин да ги договараат тендерите во 4 очи, истакна Мицкоски.

Тој објасни како се однесува владата.

-Може слободно да се каже дека за една година и два месеци колку што се на власт, бележат само порази и тие стануваат наше болно секојдневие, но она каде што навистина се трудат е овие порази преку забревтаната и скапо платена пропагандна машинерија да ги престават како наводни победи. По принципот на онаа случка од комунизмот од соседна Бугарија кога велеа “тази дупка не е дупка”. Тоа е единственото нешто кое им е преостанато.Не е за чудо и чочек да изиграат како оној пред тунелот на автопатот Демир Капија-Смоквица кој тие ниту го испроектираа ниту го изградија. Тоа е дело на ВМРО-ДПМНЕ и уште такви стотици дела ќе останат позади нас, порача Мицкоски.

Најнови вести