Професорот по историја Никола Жежов, во емисијата „Ѕид“ на Алфа ТВ детално ги објасни последиците од членот 7 од Договорот со Грција за промена на името кој беше потпишан од владите на двете држави.
Професорот појасни дека со овој договор не се решава македонското прашање на позитивен начин и оти дополнително се разгорува со вештачката поделба која се прави во Договорот. Со него Македонија станува уникатен пример во светот поради откажувањето од своите национални малцинства во соседните држави.
– Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција за надминување на разликите околу името, во суштина претставува обид за редефинирање на македонската нација, промена на нашето уставно име и промена на сите атрибути на државноста кои што ни беа познати и беа засновани на одлуките на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, вели Жежов.
Истакна дека голем дел од членовите од договорот, особено оние каде што тој е компетентен се штетни и оти со нив се прави хируршки рез во македонското национално ткиво и вештачка поделба.
Професорот ги потенцираше Членовите 7 и 8 од Договорот со Грција, во кои се наведени сите работи кои што се антимакедонски кои што го уништуваат македонскиот национален идентитет со редефинирање на македоската историја.
– Во членот 7 се дефинираат поимите за тоа како ќе се дефинираат термините „Македонија“ и „македонски“ кај двете страни. Претставува обид за вештачка поделба на македонското прашање и обид да се создаде впечаток пред меѓународната јавност дека постојат две македонски прашања, што не е точно и е надвор од секоја логика. Македонското прашање е едно, нема повеќе македонски прашања и секој обид за вакво вештачко решавање на македонските прашања, на само што нема да ги реши туку и дополнително ќе ги искомплицира, објаснува Жежов.
Вели дека со вакви одредби од Договорот односите меѓу двете држави уште повеќе ќе се влошат. Тој потенцира дека македонското прашање на овој начин не се затвора, туку оти дополнително се разгорува со ваквиот обид за вештачко решавање.
Жежов појасни дека членот 7 јасно укажува оти Република Македонија се откажува од своето национално малцинство во соседните држави. Појасни дека длабоко е убеден и смета оти тоа е уникатен пример во целиот свет.
Професорот кажува дека не познава држава која нема национални малцинства во соседните држави. Ваквото дефинирање на македонското прашање со еден став од овој член е обид да се создаде перцепција дека ние сме навистина вештачка нација. Тоа оди во прилог на тезите пласирани во минатото дека Македонија наводно е измислица на „Коминтерната“, дека ние сме донесени на овој простор дека не сме афтохтон народ.