Граничниот премин Стреизмир-Рестилица на македонско-косовската граница на планината Кораб денеска и во наредните два дена е пуштен за преминување со лична карта или патна исправа, информираа од Општина Маврово и Ростуше.
– Сите што имаат желба да ја посетат Рестелица, Драгаш, Брод или некое друго населено место каде што живеат наши граѓани, може да ја искористат оваа можност. Ние како општина ќе продолжиме со активно лобирање за постојано функционирање на овој граничен премин, како и обезбедување нормални услови односно асфалтирање на патот до преминот, изјави Фикрет Ибраими, портпарол на Општината.
Со залагање на градоначалникот на Маврово и Ростуше Медат Куртовски, преминот кој подолго воопшто не функционира, во текот на трите дена ќе работи од 8 до 24 часот и од денеска до 20 август ќе може да се минува со лична карта или патна исправа, за разлика од порано кога беше потребна посебна дозвола.
Овој премин како привремен официјално профункционира во август 2003 година и се користеше од март до октомври од 7 до 19 часот. Друштвата на Македонците од подрачјето на Гора по неколку години побараа преминот да има постојан граничен режим, што значи отворен да биде 24 часа и да може да минува секој. Тие во барањето наведоа дека во отворањето на преминот од Гора гледаат надеж за економска соработка и нивниот опстанок таму.
Преку овој премин, кој се наоѓа на планината Кораб на тромеѓето меѓу Македонија, Албанија и Косово, можеа да минуваат само жителите од пограничниот појас од 25 километри, и тоа со посебни дозволи.
Во областа Гора на Косово се распослани 18 села, населени со Македонци со муслиманска вероисповед, познати како Горани