Во минатото во многу наврати кажавме дека ВМРО-ДПМНЕ е народна партија и легитимитетот на битисувањето на постоењето како организирана политичка гарнитура го црпи од народот и во име на тоа ние сакаме да извршиме што е можно посеопфатна и потемелна консултација со граѓаните на Република Македонија, се разбира без разлика на етничкиот состав и без разлика на вероисповеста, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Алсат телевизија.
-Истовремено паралелно со консултацијата со граѓаните вршиме и внатрепартиски консултации со Извршниот Комитет со Централниот Комитет, потоа тука се партиските комисии и останатите тела на партијата, општинските комитети, структурата на општинските комитети па се до месните комитети и не ги носиме одлуките во потесен круг на двајца, тројца елитисти затворени во канцеларија помеѓу четири ѕида и се трудиме како најдобро да си ја спасиме нашата политичка кариера и врз основа на тоа ги темелиме нашите одлуки, посочи Мицкоски и додаде:
„Сите опции се отворени затоа рековме јавноста благовремено ќе биде информирана каква ќе биде позицијата на ВМРО-ДПМНЕ во периодот кој што следува. Во една прилика не така одамна на годишнината од рамковниот договор јас кажав дека погрешен договор е многу полошо отколку никаков одговор. Така што многу внимателно треба да се однесуваме во овие чувствителни моменти од историско значење за македонскиот народ, граѓаните на Република Македонија но и за самата Република Македонија.“