Банкарство 02.05.2018 10:39

Колку ќе земат акционерите на „Стопанска банка Скопје“?

Колку ќе земат акционерите на „Стопанска банка Скопје“?

Скопска „Стопанска банка“ повторно добро ќе ги награди своите акционери – имателите на сопствени акции. Нето дивидендата по акција за секој акционер е 105,3 денари. Тоа е повеќе од 10 отсто принос во споредба со последната пазарна цена на таа акција

„Стопанска банка Скопје“ ќе подели 2 милијарди денари дивиденда на своите акционери, пишува во предлог одлуката што ќе ја разгледуваат акционерите на една од најголемите домашни банки на претстојното собрание закажано на 30 мај годинава.

Сопствениците на обични акции ќе добијат бруто износ од 117 денари дивиденда за акција што значи нето износот по одбивање на данокот би бил 105,3 денари за акција. Во предлог одлуката пишува дека дивидендата на акционерите ќе им биде исплатена на 20 јуни годинава, а последен ден на тргување со право на дивиденда е 12 јуни годинава.

Колку дивиденда по обична акција добија акционерите во 2016 година?

Од добивката за 2016 година на имателите на обични акции беа исплатени 2,217 милијарди денари односно 127 денари во бруто износ. Во 2016 година беа исплатени уште 159 денари во бруто износ по акција, што значи дека вкупно во таа година акционерите на „Стопанска банка Скопје“ за секоја обична акција добиле по 286 денари дивиденда. Од тогаш до сега вклучително и дивидендата што е уште во предлог форма секој акционер има бруто принос од 403 денари за акција.

Како лани изработила „Стопанска банка Скопје“?

Нивото на нето приходи од камати лани е зголемено во однос на 2016 година и покрај тоа што се намалени вкупните приходи од камати во овој споредуван  период. Банката успеала да ги зголеми и приходите од провизии и од надоместоци до ниво од 981,8 милиони денари. Значаен раст има и кај останатите оперативни приходи кои се зголемени за 189 милиони денари односно за 55 отсто во однос на 2016 година. Банката лани успеала да оптимизира и со нефинансиските средства кои ги има на располагање и загубата на нивната вредност да ја намали за 28 отсто односно за 44 милиони денари во однос на 2016 година. Трошоците за вработени, амортизацијата и останатите трошоци од дејноста се во рамки на трошењата за тие ставки во 2016 година. Така банката стигнала до заработка по акција од 117 денари што е за 11 денари послабо од 2016 година.

Кредитните пласмани лани се зголемени за 2 милијарди денари до ниво од 60,66 милијарди денари, а истовремено со тоа депозитната база достигна ниво од 70,88 милијарди денари што е за 2,6 милијарди денари повеќе од 2016 година.

„Стопанска банка Скопје“ 2017 година ја завршува како втора најдобра година во својата долгогодишна работа. Добивката од работењето е за нијанса пониска од 2016 година која засега е најдобра година на оваа банка. Анализата на финансиските резултати и на билансите покажува дека „Стопанска банка“ има за нијанса послаб резултат од лани само заради тоа што има драстично зголемено ниво на резервации за кредитни пласмани. Или поконкретно, лани нивото на резервации изнесува 932,14 милиони денари, а за 2016 година тој износ бил за 441,2 милиони денари понизок. Многу е веројатно дека причина за зголемениот износ на резервации е всушност изложеноста на банката кон комбинатот „ФЕНИ“ каде „Стопанска банка“ беше втор по големина доверител во предстечајната постапка. Од една страна акционерите на банката треба да бидат среќни затоа што се покажува дека кикс на толку голем клиент всушност може само толку малку да влијае врз крајниот резултат на работењето на банката. Со други зборови, доколку не би била изложеноста банката сигурно би го имала најдобриот резултат досега. Во прилог на овој заклучок одат и показателите достапни од извештајот за паричниот тек од кој се гледа дека лани банката впишала 1,49 милијарди денари резервации, а во 2016 година впишала 1,12 милијарди денари. Во минатата година банката отпишала 559 милиони денари резервации, а во 2016 година 67 милиони денари повеќе.

 

Извор: Фактор