Сите компании добитници на грантови од Фондот за иновации, со исклучок на четирите кои пријавија поврзаност со функционери, добиле договори за одобрените пари. Директорот на Фондот, Јован Деспотовски, вели дека договорите им се испратени на компаниите и во тек е потпишувањето. Договори добиле и компаниите од Кавадарци и Богданци, кои не се изјаснија дека се поврзани со функционери иако јавноста ги поврза, едната со советник во Општина Богданци, а другата со претседател на општинска организација на СДСМ во Кавадарци.
„Компаниите кои во јавноста беа поврзани со советник во Општина Богданци и онаа со претседател на општинската организација во Кавадарци не се изземени од потпишување договори. Кај нив нема поврзаност на сопственичката структура со функционери. Би имало доколку советникот бил претседавач на советот, тука завршува поврзаноста на национално ниво. При крај сме со потпишувањето на договорите со овие 73 компании, а за останатите четири кои изјавија дека се поврзани со функционери, ќе чекаме да се изјасни Комитетот за одобрување инвестиции. Тој има рок од 60 дена, кој почна да тече на единаесетти минатиот месец и очекуваме во текот на октомври да добиеме повратен одговор“, рече директорот Деспотовски.
Грантови од Фондот за иновации добија и фирми кои јавноста веднаш ги поврза со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и со пратеникот од СДСМ Хари Локвенец, но тие се откажаа и ги повлекоа инвестициските проекти во моментот кога другите компании добија обврска да достават изјави за поврзаност на сопственичката структура со носители на јавни функции.
Од 77-те компании добитници на грантови од Фондот, четири се изјаснија дека се поврзани со јавни функционери. „Микросам Прилеп“ АД е поврзана со Веле Самак, кој до 30.05. 2017 година беше министер без ресор задолжен за странски инвестиции. „Контура ДОО Скопје“ пријавила поврзаност со Јован Донев, поранешен амбасадор во МНР кој бил на функција со 28.02.2017 година. Со сегашниот министер за култура, Асаф Адеми, поврзаност пријавила компанијата „Т – сенс консалтинг“ ДОО Скопје, а подоцна доставила и известување дека е направена измена на сопственичката структура од каде била избришана Мерита Адеми од потесното семејство на министерот.
Дали и овие компании ќе добијат пари од Фондот, зависи од одлукат ана Комитетот за одобрување инвестиции.
Фондот за иновации на компаниите им додели грантови во вкупна вредност од 10.5 милиони евра или 638 милиони денари.