Уште најмалку една година, докторите специјалисти ќе ја чекаат платата од 100.000 денари кои им ги вети СДСМ во предизборната кампања. Премиерот Зоран Заев, денеска рече оти се надевал дека ветените пари на сметките на специјалистите ќе легнат во втората половина од следната година. Но, тоа ќе се знаело откако ќе се скроел буџетот за 2019-та, пишуваат македонските медиуми.
Покачување нема ниту за матичните лекари. И покрај бројните реакции од страна на Здружението на матични доктори, кои алармираа дека се заборавени од власта и оти нивната професија полека изумира, министерот Филипче им порача – за повисока капитација ќе почекаат до следната година.
Министерот денеска и официјално стави параф на Спогодбата за утврдување на најниска плата за над 19.000 здравствени работници. Тие од овој месец ќе добијат покачувања на основната плата за 5 отсто. Од Синдикатот ја поздравија заложбата на Владата за коригирање на платите во јавното здравство, но велат не сите се задоволни.
За средно медицинскиот кадар покачувањето ќе изнесува 1.500 денари, докторите специјалисти во интерните клиники ќе земаат за 3756 денари повеќе, 4060 денари за специјалистите во општите болници, а лекарите специјалисти од Универзитетските хируршки клиники на контото ќе добијат зголемување за 4548 денари месечно.