Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 истакна дека манипулативни се убедувањата на власта дека со влезот во ЕУ ќе има бесплатно здравство.
-Го слушавме премиерот како вели дека 75 проценти од граѓаните ќе го поддржеле договорот. Ако е тоа така, чуму потребата од ваква масовна, атактна за сите сетила, манипулативна кампања. Ние не гласаме за бесплатно здравство во Европската Унија, ние гласаме за еден ден да бидеме дел од ЕУ и да направиме супер модерна болница во Македонија, каде ќе можат граѓаните без разлика на нивниот етнички состав, да ги имаат истите услови како што ги имаат граѓаните во ЕУ. Ние не гласаме за бесплатно образование во ЕУ, кое патем речено се лага. Ниту има бесплатно здравство, ниту има бесплатно образование. Сакам да направиме кога ќе влеземе во ЕУ супер модерен универзитет во ТОП 100 на Шангајската листа каде студентите кои се од Македонија ќе ги имаат истите услови како оние од Европската унија. Ставот на владата е лажен и манипулативен и има една цел, да ги измами граѓаните што е основна карактерна особина на оваа влада, нагласи Мицкоски.