ВМРО-ДПМНЕ до Основното Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја поднесе кривичната пријава за повеќе од 200 лица, претседатели, членови и нивни заменици на избирачки одбори во Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње и Сарај. Со основано сомнение дека на изминатиот референдум над 50.000 гласови биле злоупотребени во текот на референдумот, но и заради грубо полнење на кутии, истакна Наум Стоилковски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
-Почитувани, оттука е и потребата за смена на Републичкиот Јавен обвинител Љубомир Јовески, што е неминовност заради неговото нестручно и несовесно работење, односно неработење со што прави злоупотреба на службена должност. И за тоа ќе одговара. Републичкиот Јавен обвинител, Јовески мора да замине заради демократијата во Република Македонија. Референдумот и во кампањата и на денот мина во најнедемократска атмосфера, со поткуп, уцени, закани, лажење и лажно претставување преку кол-центри, до полнење на кутии на денот на референдум, рече Стоилковски и додаде:
„За сето ова време, Јовески не мрдна со прст, чекаше и чека поднесување на претставки или кривични пријави кои потоа ги става во фиока, чекајќи да мине референдумот, оставајќи го референдумот да се одвива во иста криминална атмосфера. Денеска слушнав дека од ЈО рекоа дека наводно „будно ги следеле прес конференциите“ и дека „се’ што ќе биде доставено ќе процесирале“. НЕ. Ова не е одговор кој што треба да дојде од Јавно Обвинителство, и тоа не е одговор кој што го амнестира Републичкиот Јавен обвинител, Љубомир Јовески. Целиот овој период откако тој го води ЈО, општеството, државата ја тресат криминогени дејствија, криминални тендери, наместена распределба на буџетски фондови, нерасчистени убиства. А, ВРВОТ на извршната власт поттикнува изборен поткуп, што е врв на недемократско криминогено делување!“.
Републичкиот Јавен обвинител, подвлекува тој, не презема дејства за кои што е задолжен.
-Во најмала рака е должен САМ екс – официо да почне да дејствува, дотолку повеќе ако се работи за криминогени дејствија за настани од вонредно јавно значење, како што е референдумот! Не случајно за вакви криминогени дејствија се утврдени казни и во КЗ и во Изборниот Законик постојат јасни и прецизни наведени се кривичните дела против изборниот криминал. Во случај против криминогени дејства, криминал во изборни цели, Републичкиот Јавен обвинител, Љубомир Јовески е ОБВРЗАН да делува. Тоа не е во рамките на неговото дискреционо право, дали да постапува или да не постапува! Републичкиот Јавен обвинител, Љубомир Јовески е ДОЛЖЕН да презема предистражни дејствија за утврдување на околностите за сознанија за кривични дела и тоа е опис и попис на неговата функција. Републичкиот јавен обвинител не реагира ниту екс – официо, по службена должност, а ниту по поднесена кривична пријава, подвлече и додаде:
„Тој е човек ставен во глувчешка дупка за да ги аболицира, затскрие, сокрие, оправда криминалите на власта, да ги сокрие и одложи криминогените дејствија против изборите односно против референдумот. Неговото непостапување, или задоцнето како она со кривичната за поткуп против Зоран Заев, поднесено од ВМРО-ДПМНЕ значи негово нестручно и несовесно работење со што прави злоупотреба на службената должност! Со ваков плашлив човек на ваква важна функција, со Љубомир Јовески на место Републички Јавен обвинител, во Република Македонија демократски избори се невозможни, а тоа е крајот на демократијата во Република Македонија!“.