Помеѓу една петтина и една шестина од сите милијардери во светот веќе се Кинези и богатството им се зголемува, а новите претприемачи од Азија се вистински предизвик за технолошката надмоќ на Силиконската долина.
Ова се вели во извештајот на швајцарскиот финансиски холдинг „Ју-Би-Ес“ и консултантската „ПВЦ“, цитиран од Ројтерс и Франкфуртер алгемајне цајтунг.
Текстот покажува дека нови 199 лица станале милијардери минатата година, зголемувајќи го вкупниот број до 2.158 (373 се Кинези при само 16 во 2006 година). Од сите „нови“ милијардери, речиси една третина (56 луѓе) се Кинези. Вкупното богатство на кинеските милијардери се зголеми на 1,12 трилиони долари или за 39% (само „Алибаба“ и придружните гиганти компании „Алипеј“ и „Ант Фајненшл“ имаат меѓу акционерите 43 милијардери).
Овој раст, исто така, помогна да се зголеми богатството на милијардерите на глобално ниво, зголемувајќи се за 19% на 8,2 трилиони долари.
Според истражувањето, околу една третина од сите кои станаа милијардери во 2017 година, го стекнале статусот во сферата на иновацијата.
„Кинеските претприемачи милијардери ја предводат економската трансформација на својата земја и на Азија како целина. За малку повеќе од 10 години тие ги создале најголемите компании во светот, ги зголемиле стандардите на животно ниво и го стекнале статусот со невидена брзина“, се вели во извештајот.
Според авторите на студијата, сега има повеќе милијардери во Азија отколку во САД. Се очекува за три години нивното заедничко богатство да ја надмине состојбата на најбогатите американски претприемачи, што сега се проценува на 2,5 трилиони долари.
Од 2016 до 2018 година во Кина се појавиле 50 компании со капитализација најмалку 1 милијарда долари (т.н.. Стартап еднорози), а во САД за овој период се појавиле 62 такви компании. Мотор на технолошкиот развој во Азија е градот од југот, Шенжен и токму тој ја оспорува силната доминација на Силиконската долина. По ризичен капитал, осигуран за стартап компании, азиските милијардери се израмнуваат со оние од САД минатата година, забележува ФАЦ.
Во Кина, освен тоа, патентите за употреба на вештачка интелигенција биле четири пати повеќе од оние во САД во 2017 година.