Тироидната жлезда се наоѓа во предниот дел на вратот. Таа произведува два важни хормони – тироксин и тријодтиронин, кои влијаат на голем дел од процесите во човечкото тело, меѓу кои метаболизмот, телесната температура и работата на срцето, како и нормалниот раст и развој кај децата. Проблемите се појавуваат кога тироидната жлезда станува прекумерно активна или пак премалку активна. Ваквите пореметувања можат да се јават како резултат на генетски предиспозиции, бременост, стрес, автоимуно заболување, лоша исхрана и токсини од опкружувањето на кои сме секојдневно изложени.
Доколку пореметувањата на тироидната жлезда не се лекуваат навремено, можат да доведат до покачување на маснотиите во крвта и да го зголемат ризикот од срцев или мозочен удар. Ако хормоните на оваа жлезда опаднат екстремно, може да настапи дури и состојба на кома.
Намаленото лачење на хормони на штитната жлезда – хипотиреозата може да предизвика симптоми како што се промени во менструалниот циклус, сува кожа и кршливи нокти, чувство на трнење во рацете и прстите, и опстипација. Хипертиреозата, или зголеменото лачење на хомони, исто така предизвикува промени во менструалниот циклус, но тие се обично придружени од други симптоми како што се проблеми со видот, чувство на слабост во мускулите, треперење на рацете и дијареја. Хипотиреозата се јавува почесто од хипертиреозата.
Проблемите со тироидната жлезда се многу чести кај новороденчињата, децата во развој и кај жените, особено во периодот после 40-та година. Доколку овој проблем не се воочи навремено, може да предизвика сериозни здравствени нарушувања.