Книжните пари во вредност од 50 и од 10 денари нема да ви пропаднат, иако од утре веќе нема да се користат, туку ќе бидат заменети со т.н. полимерни банкноти. Секој што сè уште поседува книжни банкноти, ќе може во текот на една година да ги замени за иста вредност во деловните банки во земјава. По 15 мај 2019 година замената ќе може да се
изврши исклучиво во Народна банка на Република Македонија.
– Македонија од денеска е на мапата на државите што почнале процес на полимеризација на парите на националната валута. Македонскиот денар ќе се вбројува меѓу валутите чии пари со пониска апоенска вредност се изработени на најсовремен начин, од најсовремен материјал – велат од Банката.
По 22 години, утре стапува во сила одлуката за повлекување на овие книжни банкноти, кои досега беа во оптек. Тие повеќе нема нема да бидат законски средства за плаќање. Од НБРМ велат дека издржливоста на материјалот е основната причина за замена на банкнотите:
– Хартијата изработена од памучни влакна се заменува со специјална подлога, супстрат изработен од биаксијално ориентиран полипропилен. За да се постигне компатибилност за печатарска изведба, направено е соодветно приспособување на основниот дизајн на овие пари. Наместо воден печат, новите полимерни банкноти ќе имаат транспарентен прозорец во кој се вградени препознатливи елементи од нивниот оригинален дизајн. Кај 10-те денари е претставен стилизиран цртеж на паун, додека кај апоенот од 50 денари има приказ на гравура на рановизантиска монета – велат од НБРМ.
Заштитниот конец кај полимерните пари се гледа како испрекината линија, со јасно испишан текст „НБРМ“. Како заштита, полимерните пари содржат и микротекст видлив само со лупа, двоен пасер и скриена слика, а ќе имаат и УВ-својства. Полимерните пари траат 2,5 до 3 пати подолго од хартиените, покажале анализите. Од НБРМ нагласуваат дека продолжува употребата на монетите со апоени од 10 и од 50 денари. За нив не треба да правите замена.