Компании 20.11.2018 16:22

Еурокомпозит: фабриката без струја, вработените по дома – има ли крај на маките во последниот загубар?

Еурокомпозит: фабриката без струја, вработените по дома – има ли крај на маките во последниот загубар?

Фабриката без струја, погоните без работници, луѓето без плати. Состојбата со последниот македонски загубар се усложнува.

Фабриката без струја, вработените по дома

Во Еурокомпозит останаа помалку од сто, но и ним им било кажано да седат дома и да чекаат да бидат повикани откако фабриката остана без електрична енергија поради неплатени сметки.

Синдикатот предупредува дека состојбата се влошува а не се подобрува како што им било ветувано.

„Работа нема. Денеска раководството ги испушти вработените и речено е да чекаат дома до повторно повикување“ изјави претседателот на синдикатот Роберт Богданоски.

Од синдикатот се заканија дека доколку наскоро не се изнајде решение повторно ќе излезат на протести, од Прилеп ќе дошле во Скопје да го искажат незадоволството. Велат дека се чувствувале измамени и изманипулирани.

130 вработени прогласени за технолошки вишок

Минатата недела 130 работници беа прогласени за технолошки вишок. Ова е дел од договорот со Владата кој беше постигнат при последниот протест.

Сите кои ги исполнуваат условите треба да добијат отпремнини за што се обезбедени околу 160.000 евра. Тогаш беше најавено дека секој ќе добие по 50 илјади денари линеарно до крајот на месецов, а остатокот од парите кои во просек треба да достигнат 90 илјади денари да се исплатат во наредните два до три месеци.

Со најновиот развој на настаните синдикатот се сомнева дека ова ќе биде испочитувано.

„Колегите буквално заминаа само со еден документ в рака со кој ќе се пријавуваат во Бирото за вработување. Како ќе се исплаќа кога нема пари ниту за плата, ниту за здравствено осигурување. Најголема надеж им е дека ќе се донесе законот, односно ќе се продолжи важноста на законот за технолошки вишок до крајот на декември за да може да добиваат надомест до пензионирање или до повторно вработување“, објаснува Богданоски

Во постапка се решенијата уште за 24-ица вработени кои се пријавиле за технолошки вишок и треба да заминат до 11 декември, па вкупно од фабриката заминуваат 154 вработени.

Последниот протест пред месец и пол

Вработените во прилепскиот загубар протестираат на неколку месеци. Последен пат дојдоа во Скопје на почетокот на октомври.

Тогаш беше договорено доброволното заминување на дел од вработените кои треба да земаат и надоместок до пензионирањето, а Владата вети дека работи на наоѓање стратешки партнер.

„Владата е целосно посветена на решавање на при што се имаат предвид интересите на вработените во комбинатот и јавниот интерес во компанијата”, соопшти тогаш кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Вработените побаруваат 18 плати и придонеси за 6 години

Еурокомпозит е последниот на листата државни загубари. Компанијата со години се соочува со проблеми, работниците немаат земено 18 плати а придонесите не им се платени за последните 6 години.

Фабриката во моментов не произведува, а вкупните долгови надминуваат 5 милиони евра.

Главен проблем е континуираниот недостиг од работа, па изминатите години се случуваше вработените со месеци да бидат пуштени дома со 70% од платата во очекување на некој подобар договор. Кога пак ќе се договореше зделка се работеше и во две смени.

Ревизори: компанијата не е самоодржлива

Последниот достапен ревизорски извештај се однесува на 2016-та и тој покажува дека компанијата не може да биде самоодржлива.

Според извештајот приходот од продажба бил одвај 40 милиони денари, трошокот само за вработените бил 58.55 милиони, а вкупните трошоци 110.56 милиони денари.

Вкупните приходи последните години имаат драстичен пад. Во 2014 година биле над 100 милиони денари, во 2015 година изнесувале 65.5 милиони а во 2016-та паднале на 40 милиони денари. Во истиот период се намалуваат и расходите од работењето на компанијата, но со значајно помал интензитет.

„Постои материјална неизвесност на претпоставката за одржување на континуитетот на работењето на друштвото“ се заклучува во ревизорскиот извештај.

Од југословенски гигант до македонски загубар

Еурокомпозит е последна од десетината фирми ќерки кои произлегоа од некогашниот гигант Еуроинвест „11 Октомври“ кој имаше над 1.600 вработени.

Еуроинвест бил формиран во Прилеп во 1952-та како фабрика за електро изолациски материјали. Дваесет години подоцна станува дел од компанијата Енергоинвест Сараево, а кон крајот на 70-те ја проширува дејноста кон производи за специјална намена како воена и полициска опрема и термо реактивни прес маси.

Со распадот на Југославија започнува распадот и на Еуроинвест. Во 1991-та македонската подружница е трансформирана во холдинг со 1.800 вработени.

Холдингот беше сочинет од повеќе правни субјекти Еурофуд, Еуроламинати, Еуротрејд, Еуропрофил, хотел Липа. Овие компании една по една одеа во стечај. Последна е Еурокомпозит која беше трансформирана во акционерско друштво со капитал 100% во сопственост на државата. Во 90-те имаше 550 вработени а сега се останати уште 260.

Програмата на Еурокомпозит е поделена на две главни гранки: воена и полициска опрема и цивилна линија. Има широка палета производи – од балистички шлемови, елеци и плочи до рачни ракетни лансери; како и електро изолациони материјали. Компанијата уште пред 20 години е сертифицирана со стандардот ISO 9001.

Најнови вести