Формирана е првата и единствена Асоцијација на професионалците во јавните набавки во Македонија.
Целта на Асоцијацијата е давање придонес за градење и одржување ефикасен и транспарентен систем за јавни набавки во земјата во согласност со европските директиви, насоки и упатства, како и националното законодавство од областа на јавните набавки и добрата пракса во оваа област, промовирање и развој на струката на идентитетот на струката, залагање за унапредување на професијата на јавните набавки и подобрување на знаењето на лицата вклучени во процесот на јавните набавки во земјата во согласност со националното и ЕУ-законодавството.
„Асоцијацијата на професионалците во јавните набавки во Македонија ќе се залага да обезбеди што повеќе искуства од областа на јавните набавки за своите членови и партнери; да се создаде околина на добра пракса и примена на Законот за јавните набавки и неговите подзаконски акти. Надградување на јавните набавки преку лидерство, совршеност и интегритет. Да се зголемат економичноста и ефикасноста во јавните набавки и да се добие најдобра вредност за јавните расходи; да придонесе за економскиот развој на Република Македонија преку ефикасен систем на јавни набавки и градење на капацитетите; промовирање на конкуренцијата и поттикнување учество во постапките за јавни набавки. Ги покануваме во оваа Асоцијација да се вклучат сите заинтересирани страни, фирми, експерти и соработници од институциите преку поддршката и заедничката поголема промоција на јавните набавки“, велат од Асоцијацијата.
Додаваат дека користејќи ги капацитетите, логистиката и можностите на поврзување и соработка со асоцијациите од регионот, Европа и пошироко, по природата на своето основање првенствено ќе се насочат кон поврзување и соработка со слични асоцијации од земјата и странство со цел размена на искуства за давање поголема поддршка на системот за јавните набавки.
Претседател на Асоцијацијата на професионалците во јавните набавки е Борче Христов.