Актуелно 25.11.2018 20:55

Утре одлучува Апелација за Јанакиески и Божиновски дали ќе одобри притвор заснован врз фиктивни белешки

Утре одлучува Апелација за Јанакиески и Божиновски дали ќе одобри притвор заснован врз фиктивни белешки

По урнекот на поранешниот комунистички режим и поранешната УДБА, основаните сомневања во случајот со Миле Јанакиески и Кирил Божиновски се дека СЈО побарал притвор врз основа на фиктивни белешки на наводен посредник од безбедносните служби кој сведочел дека Јанакиески по наводна средба со Иванов и одбивањето да го помилува, се доверил дека сака да ја напушти земјата.

Претседателот Иванов таквата средба ја демантираше што на површина излезе политичката намера да се однесат во притвор луѓе врз основа на измислени белешки само да се компензира од ударот со бегството на екс премиерот Груевски.

Одлуката за притворот на екс министерот Миле Јанкиески и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски ја донесе кривичниот суд, на барање на СЈО, кое пак добило информации од УБК, дека двајцата се подготвувале за бегство.

Според решението на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 за прифаќањето на предлогот на СЈО, Миле Јанакиески да биде притворен, откако претходно било утврдено дека Јанакиески наводно преку посредник барал амнестија од претседателот.

 

Адвокатот на обвинетите Еленко Миланов вели нејасно е зошто би му бил потребен посредник на Јанакиески со шефот на државата Иванов, кога лично тој двапати учествувал во неговата кампања за претседател, а Божиновски имал висока позиција во Владата за која не му е потребен посредник за средба. Дури и да барале амнестија, недозволиво е тоа да биде поврзано со нивно бегство.

– Прво и основно ако одиме по соопштението од кабинетот на Претседателот на државата, господинот Ѓорге Иванов, воопшто ниту имало средба која што била во насока на било каков разговор за амнестија, уште помалку тоа било со некаков си посредник на господинот Миле Јанакиевски или Кирил Божиновски. Ако го следиме тоа соопштение не се спори, што не го спори ниту Миле Јанакиевски дека тој остварил средба со претседателот на државата, но во врска со актуелната политичка ситуација во државата, а не за некаква амнестија. Правно е многу погрешно да воопшто тоа што стои во службената белешка да се бара амнестија, затоа што амнестија дава собранието, не претседателот, тој и не е надлежен да дава амнестија, тој може да даде аболиција. Аболицијата за конкретниот случај „Титаник“ е дадена уште во април, мај 2016 година, што значи тоа е право кое веќе е стекнато и што има сега повторно да бара во таа насока, а дури и да постави ново барање за аболиција, тоа не укажува на бегство, вели Миланов.

Истовремено од кабинетот на претседателот Иванов остро ги демантираа овие информации:

„Кабинетот на претседателот на Република Македонија, по објавата во јавноста на решението на Основниот суд Скопје 1 за определување мерка притвор против лицето Миле Јанакиески, категорично одбива каква било инволвираност во врска со донесената судска одлука. Ја информираме јавноста дека ниту е побарана ниту е одржана средба со посредник на Миле Јанакиески, како што е наведено во службената белешка на УБК, класифицирана ‘строго доверливо’, а која е основ за определување на мерката притвор. Миле Јанакиески телефонски побара средба со претседателот Иванов, која е одржана на 13.11.2018 година, вторник, во 16 часот, во кабинетот на претседателот на Република Македонија. На средбата воопшто не беа дискутирани темите за амнестија, на која се повикува судот во решението за притвор, која е во надлежност на Собранието на Република Македонија, ниту, пак, аболиција“, се вели во соопштението.“

Од кабинетот на Иванов велат дека станува збор за конструкција на лаги врз основа на претпоставки. Сето ова, велат од таму, претставува груба полициска манипулација и инволвирање полициски службеници, со што се извршени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластувањето, фалсификување исправа, употреба на исправа со невистинита содржина.

Останува да видиме дали Божиноски и Јанакиески ќе продолжат да бидат колатерална штета. Утре на јавна седница одлучува Апелациониот суд со почеток во 13 часот.