Кина се согласи да ги намали и укине царините за автомобили увезени од САД од досегашните 40 отсто, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на „Твитер“.
Претседателот на САД во својата објава не даде повеќе детали во врска со ваквата одлука, пренесе агенцијата „Ројтерс“, додавајќи дека кинеската страна не одговорилa на барањето за коментар.
Трамп и кинескиот претседател Шји Џјинпинг во саботата во Буенос Аирес се согласија во следните 90 дена да се повлечат од трговската војна, со што ќе се намалат повеќемесечните тензии.
Состанокот меѓу американскиот и кинескиот претседател траеше повеќе од два и пол часа по што САД се откажаа од најавеното воведување царини од 1 јануари, а Кина се согласи да купува повеќе американски земјоделски производи, што веднаш стапи во сила.
„Ројтерс“ истакнува дека ниту Вашингтон ниту Пекинг во официјалните соопштенија за состанокот на Трамп и Џинпинг не ги спомна царините за увоз на автомобили.