Жолтите елеци станаа симбол на протестите кои веќе со недели ја потресуваат Франција. На тоа се сетил Гислан Кутар кој е изненаден од одзивот, но и запрепастен од насилната реакција на полицијата врз демонстрантите.
Кутар е еден од ретките луѓе кои се поврзуваат со т.н. “Жолти елеци”, движење кое уште од ноември протестира поради новите даноци на горивата. Токму овој автомеханичар од Нарбон, во едно видео предложил сите демонстранти да облечат жолти елеци.
“Тоа беше прилично едноставно. Го снимав моето видео и го здогледав жолтиот елек кој го користам додека работам. Мислев, елекот е создаден за сите да го видат и сите го имаме во нашите возила бидејќи така налага законот. Зошто да не го користиме елекот како наша боја на препознавање? Да видиме дали луѓето имаат волја да излезат на улиците и да протестираат. И погодок – токму тоа се случи”, изјавил Гислан.
Автомеханичарот вели дека и самиот бил шокиран поради насилството во Париз изминатиот викенд, но го разлутило и тоа што медиумите ја прикажуваат само едната страна односно прикажуваат како “Жолтите елеци” ги напаѓаат силите на редот.