Скијачката сезона е на прагот, на планините падна и првиот снег иако во мали количини кои се уште не се доволни за зимските спортови. Понудата во македонските ски центри е речиси непроменета, а и цените остануваат исти.
Неделава ќе падне повеќе снег
На Попова Шапка веќе се формираше снежна покривка која засега е само шест сантиметри. На Маврово има два сантиметри снег. На Пелистер само е забелено, има многу малку снег.
Метеоролозите најавуваат дека до крајот на неделава на повисоките места и на планините ќе се формира снежна покривка која ќе изнесува од 10 до 20 сантиметри, во скијачките центри и над 20, а на поединечни места и над 30 сантиметри.
Картите за скијање засега со стари цени
Нема најави за поскапување на ски картите, најверојатно ќе се продаваат по истите цени како и со години наназад.
Најевтино е во Копанки на Пелистер – дневната карта е 300, детската е 200 денари, а дополнителни 100 денари се плаќаат за жичницата.
Во Крушево цената на дневниот е 500, на полудневниот 350, а на жичницата 150 денари.
На Попова Шапка се нудат три типа на ски карти, дневна од 900, полудневна од 600 и детска од 400.
Во Маврово има две категории на цени – висока сезона до 21 јануари и ниска од 22 јануари. Таму е и најскапо, дневната карта е 1.100 односно 900 денари, утринската која важи до 13 часот е 850 односно 650, попладневната е 650 односно 550. Има посебна понуда за студенти, 800 односно 650 денари за цел ден. Ски центарот нуди и сезонска карта која чини 20 илјади денари.
Маврово го вклучи системот за вештачки снег
Денеска Маврово го пушти во функција новиот систем за вештачки снег. Тој продолжува со работа во текот на целата недела. Оттаму велат дека доколку временските услови останат исти како во моментов, отворањето на Ски Сезоната 2019 ќе биде најавено многу набрзо.
Системот е поставен на најдолгата и најпознатата стаза Едносед.
Скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ располага со 11 ски-лифтови и 3 жичарници долги 5.700 метри. За еден час можат да се превезуваат и да скијаат над 11 илјади лица.
Стартот на скијачката приказна во Маврово датира од 1959-та година кога тогашниот Скијачки сојуз решил на ова место да се гради скијачки центар. Изградбата на првиот сместувачки капацитет „Скијачка школа“ почнала 5 години подоцна, кој денеска е хотел.
Половина век подоцна, скијачкиот центар на Бистра е препознатлив по патеките на кои се одржуваат врвни меѓународни натпревари во алпско, нордиско и сноуборд скијање. Маврово има можности за натамошен развој на туризмот, не само во зима , туку преку целата година, но за тоа да стане реалност неопходни се нови инвестиции.
Попова Шапка со патеки долги 35 квадратни километри
Попова Шапка има скијачки терени со вкупна површина од 35 квадратни километри, на надморска височина од 1.700 метри до 2.500 метри.
Има две жичници, пет ски лифта и 15 скијачки патеки.
Попова Шапка е поврзана со локален асфалтен пат од Тетово во должина од 18 километри, а до пред 15 години до скијачките терени можеше да се стигне и преку гондолската жичница која тргнуваше од градот, но која од 2001-та година веќе не е во употреба.
Попова Шапка располага со патеки за почетници, за напредни скијачи, за натпреварувачи во алпско скијање.
Крушево – од центар до терен со жичница
Скијачкиот центар во Крушево има три патеки, два ски лифтови и една двосед жичница која директно го поврзува градот со терените.
Патеките имаат нивоа лесна 350м, средна 400м и патека со напредно ниво во должина од 700м под двосед жичницата.
На ски патеките има и елементи за сноуборд парк. Центарот располага со 6 нови снежни топови, изградено е ново вештачко езеро за поддршка на системот од снежни топови.
Инсталирано е и осветлување за ноќно скијање под синиот лифт и стазата под жичницата.
Пелистер – патеки долги два километри
Ски центарот Копанки кој се наоѓа на Пелистер има двосед жичницa долга 680 метри и ски лифт долг 580 метри.
Патеките се на висина од 1.400 до 1.800 метри. Двете поголеми патеки се со просечен наклон од 35 – 38%, со комплетна должина од речиси 2.000 метри. Во рамките на детското одморалиште се наоѓаат и три помали ски-лифта.
Во близината на Пелистер во Нижо Поле е и скијачкиот центар Стрежево, каде што постојат два ски-лифта, со должина од 750 и 820 метри. Центарот е реновиран, со проширени патеки, реновирано бачило, како и можности за ноќно скијање од сезона 2015/2016. Ски центарот се протега со базна точка на 1310 м до 1600м.