Економија 23.12.2018 22:17

Мицкоски: Во економијата се случуваат вистински црнила, СДСМ наместо на работа се посвети на криминал

Мицкоски: Во економијата се случуваат вистински црнила, СДСМ наместо на работа се посвети на криминал

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во своето обраќање на 27. годишна конференција на Унијата на млади сили, истакна дека во економијата се случуваат вистински црнила.

-Сиромашатијата галопира. Ако оваа економска година ни беше лоша наредната ќе биде катастрофална и погубна. Алармот е вклучен, вришти и пишти бидејќи работите одат надоле. Едно е зошто се неспособни, второ е зошто наместо на работа се посветени на криминал. Додека во Светот имаме двоцифрени растови на индустријата, на градежништвото, на бруто националното производсто, ние или имаме минусни салда или се мачиме со два проценти економски раст, посочи Мицкоски.

Тој рече дека нема ниту 5 посто раст како што викал Зоран Заев пред стане премиер, а нема ниту теоретски изгледи да достигне толку во годините што доаѓаат.

-Изминува втората година, вкупно досега ни половина од тие 5 проценти не успеаја да постигнат. Имаме и одлив на странски инвестиции, а за нови не станува збор. Денес го видовме генералниот секретар на СДСМ на прес-конференција како вели дека ова ќе била рекордна година, ја спомена половината на оваа година, кога дел од странските инвеститори Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги убеди и ги донесе во Македонија да инвестираат. Затоа билансот е добар во првата половина. Зошто не го спомена третиот квартал каде имаме одлив и сме единствена земја во регионот со негативно салдо на директни странски инвестиции. Или тоа не треба да го слушне македонскиот народ? Не задолжуваат, сите нас, дури и неродените. Само од почетокот на оваа 2018 година не задолжија за дополнителни 357.000.000 евра. Оваа бројка нема да ја најдете на семафорот на Заев на триумфалната капија. Можеби дел од оваа бројка ќе најдете во џебовите на оваа фамилија. Со тоа е надмината психолошката граница од 5 милијарди евра и веќе државата се движи кон 50% долг. Имено според ревидираната фискална стратегија за 2019 – 2021 година јавниот долг во 2020 се очекува да достигне 54.5% од БДП, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи и дека Владата се задолжува пари, но никаде нема проекти.

-Се задолжуваат, но никаде ги нема парите во реалниот живот. Нема проекти, нема квалитетни реформи. Пари се зајмуваат, а парите не се трошат на проекти, Значи парите се крадат! Животот станува потежок. Индексите на трошоците и индексите на цените на мало растат. Порано во продавница можеше да се купат намирници за 500 денари, денес 1.500 се малку. Тоа е она што го мачи народот. Немањето пари, ниту перспектива. Тоа е реалниот проблем на реалниот граѓанин.Со зголемените даноци се врши атентат врз бизнисот и куповната моќ на граѓаните. Голема лага е тврдењето на Владата дека ќе се зема од богатите за да се даде на посиромашните. Тоа е само димната завеса за да им помине грабежот на народот. Сега ќе се зема од сите, а највеќе на удар ќе биде средната класа. Реалноста е дека со даноците ќе се зема повеќе од земјоделците, оние кои имаат авторски договори, оние кои заработиле некој денар од спортско обложување или игри на среќа, од оние на кои им капнува по некоја сума од некој наследен објект кој го даваат под кирија, од оние млади луѓе кои го вложуваат својот труд во високоинтелектуални работи, од еснафите кои имаат мало стопанство, дуќанче, гранапче, тезга, берберница, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски рече и дека СДСМ ќе ги зголеми даноците кои ќе удрат по оние кои живеат од ќирија, сега за истата ќе плаќаат 100 проценти повисок данок. Повисок данок ќе има за земјоделците, како и за освоените спортски добивки, но ќе се оданочува и реинвестираната добивка за која претходно не било случај