Собранието на Република Македонија во рамки на 77-та седница попладнево донесе повеќе закони по скратена постапка меѓу кои и измените и дополнувањата на Кривичниот законик.
Измените на Кривичниот законик, поднесени од пратениците Артан Груби, Снежана Калеска-Ванчева, Соња Мираковска, Лидија Тасевска и Весел Мемеди беа донесени без расправа со 64 гласа „за“ и еден „воздржан“.
Со 56 гласа „за“ и 15 „против“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за данок на добивка со кој се регулираат донациите во спортот и се воведува нов начин на донирање со ваучери.
Едногласно со 62 гласа „за“ беше донесе и Законот за изменување и дополнување на Законот за преземање на акционерските друштва.
Собранието едногласно со по 65 гласа „за“ ги донесе и изменување и дополнување на законите за платите на судиите и за судска служба со кои се овозможува вработените да добијат додатоци на плати и се задолжуваат претседателите на судовите да издадат решенија за додатоци на плати за секој поминат месец најдоцна до 15-ти во наредниот месец.