Новогодишните прослави во градовите од соседните држави годинава се поатрактивни за македонските граѓани, но не заостануваат ниту прославите во европските метрополи, како Букурешт, Будимпешта, Венеција и Париз.
Цените на аранжманите не се многу поразлични во однос на лани. Така, пакетите што ги нудат туристичките агенции за четири дена со автобус се движат од околу 90 евра во Нови Сад и 100 евра за исто толку дена во Тиват. За 90 евра може да се дочека Нова година и во Белград. Во Софија новогодишното патување со автобус чини 99 евра за три дена, а во Атина околу 100 евра за четири дена. Интерес има и за соседна Бугарија, но таму дополнително се доплаќа за новогодишната вечера.
– Интерес има за аранжманите за градовите во соседните држави, како на пример во Тиват, каде што ќе има интересна прослава со познати личности од балканската музичка сцена. Има интерес и за Нови Сад, а од кратките пакети тука се и оние за Софија и Белград. Од европските дестинации атрактивни се Букурешт, Венеција и Париз. Она што се покажува како тренд годинава е дека се избираат блиски дестинации можеби затоа што самото прославање на новогодишната вечер е поблиско до нашиот менталитет, велат за МИА од туристичката агенција.
Оттаму истакнуваат дека има интерес и за европските метрополи, но додаваат дека сепак оние што сакаат да патуваат повеќе се одлучуваат да ги посетат европските градови напролет, кога може да ги видат во вистинското светло.
Новогодишните аранжмани со автобуски превоз до Виена, Венеција и Букурешт и Париз се движат од 100 до 300 евра во зависност од градот и видот на новогодишниот пакет што го нудат туристичките агенции. Патувањето со авион секако е поскапо, па така петдневен аранжман, на пример, во Рим чини околу 400 евра.
Од подалечните и поегзотични патувања, за македонските граѓани интересни се Малдиви, Тајланд и Дубаи, за кои аранжманите се различни, но може да се движат од четири до седум дена.