Актуелно 21.01.2019 21:54

Каракамишева до Османи: Венецијанската комисија не е вашето гранапче во Мала Речица каде што со финти и игри си ги создавате политичките добивки

Каракамишева до Османи: Венецијанската комисија не е вашето гранапче во Мала Речица каде што со финти и игри си ги создавате политичките добивки

Му благодарам на заменик претседателот на Владата, Бујар Османи што си го покажа своето вистинско лице нарекувајќи ме “деструктивен елемент за кој ќе гледале со коалиционите партнери како да биде повлечен од Венецијанската комисија”, пишува професорката Тања Каракамишева на социјалните мрежи, а нејзиниот статус ви го пренесуваме во целост во продолжение.

 

Тој “деструктивен елемент” кој Вие сакате да го тргнете од Комисијата е професор по Уставно право и политички систем кој НЕМА ДА МОЖЕТЕ ДА ГО ПОВЛЕЧЕТЕ до 2020 година додека му трае мандатот во Комисијата.

Правилата на употреба на малцинските јазици во државите, г-дине Османи, не зависат од професор Каракамишева, ниту пак зависат од Вас, за целата среќа. Тие правила мора да бидат во согласност со меѓународните и европските документи за правото и опсегот на употреба на истите во државите.

Тоа што Вие, г-дине Бујар сакате во Македонија да важи нешто што не важи за ниту едно малцинство во светот е проблем на Вашата партија, но не и на правната наука и експертската анализа.

Како доктор по медицина, Вие Бујар очигледно немате поим за стандардите и правилата поврзани со употребата на малцинските јазици во светот.

Токму затоа Вие немате никакво право да зборувате за правните правила, а уште помалку имате право да се мешате во работата на Комисијата и хипотетички да претпоставувате кој врз кого може да има влијание при донесувањето на одлуките.

Г-дине Бујар, Венецијанската комисија не е вашето гранапче во Мала Речица каде што со Вашите финти и игри си ги создавате политичките добивки.

Венецијанската комисија е сериозно експертско тело кое на темелен и аргументиран начин ги проценува и анализира правните акти.

Вашиот коментар дека Комисијата ќе биде под влијание на моите “субјективни ставови” ја покажува вашата елементарна некултура и непознавање како функционираат институциите со кои за жал вие имате секојдневен контакт!

И да, за ваквиот Ваш срамен јавен коментар ќе бидат информирани претседателот, генералниот секретар и сите членови на Венецијанската комисија за да се разуверат во Вашиот демократски капацитет.