Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје од претстојниот викенд воведува бесплатен превоз на патници и на автобуската линија број 28 од Транспортен центар до Македонско село. Од претпријатието велат дека превозот ќе биде бесплатен со цел промовирање на градските историско-културни знаменитости.
Бесплатниот превоз ќе важи за деновите од викендот односно сабота и недела и во денови на државен празник.
Истовремено, донесена е одлука автобуските линии со број 25А Автомакедонија – Средно Водно и број 25Б Дом на печат – Средно Водно да станат дел од редовниот линиски превоз, покрај линијата 25 чија почетна станица е Транспортен центар, а оди до Средно Водно, која е веќе редовна автобуска линија.
Во изминатиов период 25А и 25Б функционираа како пробни линии. Превозот на овие линии како и досега ќе биде бесплатен за време на викенди и државни празници.
Возниот ред на линиите е објавен на веб-страницата на претпријатието www.jsp.com.mk. „Потребата за воведување на бесплатен превоз на претходно посочените линии е инициран од Град Скопје, по предлог на голем број на граѓани, пред се од еколошки аспект и ставање во контролирано и регулирано движење до Средно Водно и подрачјето на Нерези – Македонско село“, велат од ЈСП.
Очекуваат со бесплатниот превоз да ги поттикнат граѓаните да ги остават возилата и да ги користат услугите на ЈСП со што ќе придонесат за зачувување на природните убавини кои ги има планината Водно и подрачјето на Нерези.