Овие бројки алудираат на тоа дека е голема веројатноста дека Андреја Јосифовски е директор со најголема плата во Македонија.
Според регистарот на објавени јавно достапни податоци за висината на платите на менаџери, претседатели и членови на управни одбори, генерални директори, извршни директори Андреја Јосифовски имал највисока плата во земјава во 2017 година а „Макпетрол“ е пример и е една од ретките компании која во континуитет ги објавува нето платите на сите членови на Управниот одбор и го почитува Законот за трговски друштва.
Многу други домашни големи и успешни компании и банки , на кои Македонската берза досега во повеќе наврати има дава награди за транспарентност не ги објавуваат поединечно платите на своите претседатели и членови на управни одбори како што тоа го прават „Макпетрол“ и НЛБ Банка. Платата на првиот човек на „Макпетрол“ е двојно повисока од платата на првиот човек на една од трите најголеми деловни банки во земјава.
На пример, „Комерцијална банка“ лани на прашање од „Фактор“ зошто согласно Законот за трговски друштва не ги објавува поединечно платите на менаџерите, одговори дека ќе ја разгледаат опцијата за тоа во годишниот извештај за 2017 година. Во годишниот извештај за работењето на управниот одбор немаше податоци за платите, надоместоците и бонусите за секој од членовите на управниот одбор, поединечно туку како и пред тоа имаше збирен податок за плати, надоместоци, бонуси и користи за раководна и управувачка структура.
Заради тоа што многу компании, како змија нозете, ги кријат платите на директорите т.е. членовите на управни одбор и на одбори на директори со право можеме да констатираме дека „Макпетрол“ е компанија која освен што е транспарентна и дава солидни плати на своите членови на управниот одбор.
Колку се платени членовите на Управниот одбор на „Макпетрол“?
Како што напишавме, месечната плата на Јосифовски лани била 15.238 евра. Освен ова лани Јосифовски од „Макпетрол“ добил и бонус од 68.870 евра. Втор најдобро платен член на Управниот одбор на „Макпетрол“ е Саша Лекиќ и неговата нето месечна плата со надоместоци е 2.790 евра. Неговиот бонус е околу 5.000 евра. Јован Трповски, член на Управниот одбор лани имал просечна нето месечна плата со надоместоци во износ од 2.755 евра и бонус од околу 5.000 евра. Зоран Доневски имал нето месечна плата со надоместоци во износ од 2.590 евра и уште 5.000 евра бонус. Мери Забазноска лани просечно месечно добивала нето плата со надоместоци во износ од 2.350 евра плус бонус од 4.000 евра. Членот на Управен одбор Љупчо Георгиевски имал нето плата со надоместоци од 2.390 евра и бонус од 5.000 евра, а неговиот колега Сашо Бошковски нето плата со надоместоци од 2.310 евра и бонус од 4.000 евра. Најмладиот член на Управниот одбор Марија Јосифовска Спасовска, ќерка на Андреја Јосифовски, имала најмала плата и таа со надоместоци изнесувала 1.010 евра и по основ на бонус остварила уште 5.000 евра.