Функцијата на Претседател на републиката не е супститут на Владата. Оваа Влада ќе плати насоро висока цена за својата неспособност, неработење, индолентност, корупциските скандали, непотизмот и сето останато, што мина незабележано поради фалбите од меѓународната заедница за Преспанскиот договор.
Ова го истакнува кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова во интервју за бугарскиот „Дневник“.
-Работејќи наводно за приближување до ЕУ, власта не’ оддалечи од Копенхашките критериуми и ја поткопа довербата на граѓаните во институциите. Мојот повик до граѓаните е дека сега треба да одлучат дали имаат доверба на оваа и ваква власт да ѝ ги дадат сите позиции и апсолутната власт во државата, или ќе почнат да ја казнуваат за нејзината неспособност и неодговорност. Ако бидам избрана како претставник на опозицијата, тоа ќе биде почеток на крајот на власта на СДСМ. Во рамки на мојот мандат би се случиле и парламентарни избори, вели таа.
Силјановска Давкова порачува дека оваа власт е одамна делегитимирана и вели дека да беше Македонија демократска држава, Зоран Заев ќе си дадеше оставка веднаш по неуспехот на референдумот.
-Во меѓувреме се насобраа секојдневни скандали, афери со непотизам и кронизам, градежна мафија го окупира јавниот простор, власта нема одговор за ниту едно суштинско прашање. Од Преспанскиот договор не може да се живее, тој не се јаде, не носи приходи – ама носи фрустрации. Штета што Заев немаше храброст да распише истовремено и парламентарни и претседателски избори, но сега ќе го развластиме чекор по чекор. Мојата победа ќе биде силна порака и ќе ја врати надежта кај македонските граѓани дека промени се можни, истакна таа.
За своето ветување на уставна реформа, во интервјуто за бугарски „Дневник“, таа вели дека нема амбиции да приграби повеќе овластувања за претседателот.
-Уставните измени ги гледам во насока на обезбедување стабилна и функционална демократија. Македонија треба да биде повеќе парламентарна демократија, а помалку консоцијација на две етнички елити. Нам ни е потребна ревизија на системот на поделба на власта, за да се отстранат „сивите зони“ и можноста за политичка неодговорност. Имам точна претстава што ѝ е потребно на земјата, а за тоа планирам да се консултирам со академската фела и цивилното општество, но и со странски експерти. Претседателот може само да поднесе предлог за промена на уставот, но уставот го носи Парламентот. Значи, потребен е и широка поддршка од сите политички фактори. Ништо што ветувам не се прави преку ноќ и со волшебно стапче; земјата е во таква длабока криза што ќе биде потребно многу трпение, знаење и работа. Јас сум противник на зајакнување за претседателските функции во стилот на Франција, порачува таа.
Силјановска Давкова смета дека сите отворени прашања треба да се решаваат како државници, а не како политичари кои сакаат да добијат брзи поени кај граѓаните
-Бугарија е членка на ЕУ и НАТО, a ние го следиме вашиот пат. Сакаме пријателството да се продлабочува, но очекуваме и соодветна помош да го изодиме тој пат. Мој приоритет ќе биде подобрување на односите со Бугарија, не само со засилување на економските врски, туку и културните, спортските, академските и меѓучовечките. Ние сме блиски народи и природно е да соработуваме и да се разбираме добро. Досега повеќе значење се даваше на односите на највисоките државни претставници и на договорите на елитите на двете земји, но јас верувам во развивање контакти во сите сфери и на сите нивоа. Во таа насока бев изненадена од „Фејсбук“ постот на господинот Ковачев. Сметам дека сите отворени прашања треба да ги решаваме како државници, а не како политичари кои сакаат да добијат брзи поени кај граѓаните, порача таа.