Владата на СДСМ треба да престане да прави театар од македонското земјоделство и веднаш да почне да се справува со реалните проблеми на земјоделците. Љупчо Николовски очајно се обидува да создаде позитивна слика во македонското земјоделство во време кога земјоделците се на работ на егзистенцијата, се вели во реакција на ВМРО-ДПМНЕ.
„Додека министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, држи прес-конференции и во јавноста испраќа штури соопштенија без никаква содржина, македонскиот земјоделец се справува со егзистенцијални проблеми. Да го потсетиме министерот дека цените на краставиците и пиперките изнесуваат катастрофални 10 денари за килограм, а цената на доматот изнесува 5 денари за килограм. Со ваквите цени на овие култури земјоделците не можат да си ги вратат ни парите што ги вложиле, а не ни помислуваат на профит“, се вели во соопштението.
Според опозициската партија, покрај ниската цена, проблем за земјоделците во овие моменти е и пласманот, односно откупот, кој во овие моменти е речиси целосно стопиран. Откупот на доматот, пиперот и краставицата е значително намален и речиси и нема некој што ги откупува овие земјоделски продукти.
Иако сме на прагот на жетвата, сè уште не е позната цената по која ќе се откупува пченицата, а ако се водиме по претходното искуство со другите земјоделски производи, не може да се надеваме на задоволително ниво на цена за земјоделците.
„Лошите временски услови и невремето уништи голем дел земјоделски култури во повеќе региони во Република Македонија, а Николовски сè уште нигде го нема. СДСМ и Љупчо Николовски мора да ја согледаат реалната слика во Македонија, тие мора да ја согледаат реалната слика во земјоделството и нивните проблеми. Штетите што се настанати од временските непогоди мора да бидат исплатени, земјоделците заслужуваат достоинствени цени на земјоделските производи, како и нивен пласман. Земјоделците заслужуваат достоинствен живот, а не шарени лаги“, се додава во соопштението.