Актуелно 03.07.2018 15:29

Караница во Собранието за законот за отпис на камати на долгови

Караница во Собранието за законот за отпис на камати на долгови

Жестока јавна расправа во Собранието за предлог-законот за отпис на камати на долгови. Според невладините организации и граѓанските здруженија, овој предлог закон е дискриминаторски и не ги опфаќа трошоците на граѓаните кои ги имаат кон нотарите и извршителите. Бараат целосно повлекување на законот.

„Има исклучени од вода, струја и граѓани кои плаќаат сметки за телефон од пред 12 години. Со овој предлог-закон граѓаните се оставени на добрата волја на нотарите и извршителите кои не се вклучени во законот за отпис на камати на долгови. Бараме измени во делот на отпис на долгови не постари од 3 години за сите физички лица. На овој начин продолжува режимот на корупција и создавање класни разлики“, рече Ана Глигорова од Здружението „Човекот над профитот“.

Таа додаде дека во европските или скандинавските земји од кои најчесто се препишуваат македонските закони не постојат извршители туку во случај кога граѓанин има неплатени долгови прв на врата му чука социјален работник за да го лоцира проблемот зошто не се наплаќа, а не извршител.

Од Здружението „Но пасаран“ обвинија дека треба да се лоцира одговорност кај поранешниот министер за правда Михајло Маневски, кој, како што велат, ја создаде неселективната правда и овие правни проблеми, за сега да има потреба од менување закони за да се исправат неправдите.

„Кукавицата го снела своето јајце па сега се бориме со младите кукавици. Да се укинат веднаш сите заостанати долгови“, рече Марјан Ненов.

Пратеникот Панчо Минов, кој е еден од предлагачите на законот, рече дека ќе бидат земени предвид сите забелешки на здруженијата и појасни дека со предлог-законот се вклучени и опфатени повеќе од 200 000 предмети. Тој образложи неколку услови со кои ќе бидат опфатени случаите за кои се почнати постапки од 2006 година, а завршени до јули 2011 со извршно решение и правосилна одлука и за кои веќе се испратени решенија кај извршители.