Многу е важно да им се помага на фамилиите на загинатите бранители, бидејќи тие се македонски херои, кои го дале животот за Македонија! Ова вчера го истакна министерот за одбрана Владо Мисајловски во „Наткаст“ со Љупчо Цветановски на Курир.
-Јас кога излегувам на терен, кога се среќавам со различни структури, но поготово со фамилии на загинати бранители, кога давам, изјава и кога велам дека од срце ги почитувам, јас тоа го мислам, го чувствувам и пробувам на секој еден начин да помогнам. Не беше коректно кон сите овие семејства што се пушти Закон во Собранието кој беше заглавен, тоа е играње со емоции на овие луѓе. Јас имав настан каде што дополнително им дававме ваучери, каде што на сите семејства да може да им се издвојат дополнителни средства за празницве да им се помогне. Пред неколку месеци направивме и камп во Охрид за сите фамилии и ќе продолжам уште повеќе, истакна Мисајловски и додаде:
„Дел од тие семејства немаат вработено ниту еден во институциите. Еве јавно кажувам дека ќе дадам се од себе согласно Закон да им помогнам на тие фамилии да се вработат, бидејќи таква обврска имаме по Закон и можам тоа да го направам и ќе го правам, еве јавно тоа го кажувам, согласно образование, можности итн.
Важно е да им се помага. Се ветувале споменици дека ќе се направат, обележја. Треба секој да си ја знае својата ингеренција. Ние како министерство не може било каде да направиме спомен обележје, но можеме заедно со општини да разговараме, да преговараме, да имаме настани заеднички, да го одбележуваме денот, денот мора да се одбележи. Тие се македонски херои, дале живот за Македонија, за секој еден да живее безбедно и да биде спокоен дека некој го чува. Јас тоа што го правам, го правам од срце и ќе продолжам да го правам. Ако најдеме нов модус и правна можност да се помогне дополнително, тоа ќе го правам постојано и ќе ме гледате како се среќавам, не само со фамилиите на загинати бранители, туку и со секој војник, старешина, генерал… Тоа не било случај во минатото, но јас тоа постојано го правам“.
Ресорниот министер потенцираше дека беа наградени и војниците кои ги гаснеа пожарите, а од дополнителни средства во буџетот биле наградени и сите оние луѓе со ниски позиции во министерството, што никогаш тоа претрходно не се случило.
-Или сите сме како едно семејство во министерството и Армијата и треба да се помага на секој еден, или нешто нема да штима. Јас го почитувам сите, од најниско до највисоко ниво и ќе продолжам да ги почитувам и само така ќе имаме една подобра хармонија, подвлекува Мисајловски.