Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска заедно со министерот за здравство, Азир Алиу, како и со стручните тимови од ЈП „Градски паркинг“ и Град Скопје, одржаа координациски состанок со кој официјално се отпочнува процесот за изградба на две монтажни катни гаражи во рамки на Клиничкиот центар.
– Со реализацијата на овој проект кој ќе го изведува градот Скопје, ќе се обезбедат околу 500 нови паркинг места, со што конечно се става крај на долгогодишниот хаос со паркирањето во и околу Клиничкиот центар. Ова е конкретно, функционално и трајно решение кое директно ќе го олесни секојдневието и работата на здравствените работници, но и пристапот на пациентите од целата држава кои секојдневно доаѓаат на лекување. Изградбата на монтажните гаражи ќе овозможи подобра организација на сообраќајот, слободен и непречен пристап за итната медицинска помош и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот, со почитување на јавниот простор и современите урбанистички стандарди, објави Ѓорѓиевски.

Посочува дека овој важен инфраструктурен зафат е во координација со премиерот Христијан Мицкоски и претставува јасен сигнал за заедничка посветеност кон решавање на реалните проблеми на граѓаните и унапредување на здравствениот систем.
-Со заедничка работа, координација и јасна визија, чекор по чекор градиме функционални и одржливи решенија во интерес на граѓаните. Ова е само дел од она што следува. Скопје ја живее новата ера, нагласува градоначалникот на Град Скопје.