Образованието е најмоќното оружје кое можете да го искористите за да го промените светот. Долго време во нашата држава се правеа експерименти со нешто кое не смее да биде предмет на импровизација – со образованието. Токму образованието е фундаментот врз кој се гради секое општество, порача премиерот Христијан Мицкоски.
-Кога се прават погрешни чекори тука, последиците ги чувствуваат генерации. Не само денес туку и утре. Долго време високото образование трпи големи штети поради тоа што такво законско решение се донесе во 2018-тата година. Не чинеше едно, се донесе уште полошо. Намалени прагови за напредување во звања, намалена научна продукција, намалена финансиска поддршка за универзитетите донесоа и намален квалитет. Во исто толкав период не е спроведена ниту една сериозна евалуација, ниту се нотирани слабостите, ниту се предложени суштински решенија. А потребата за промена е очигледна. Како Влада не можеме да си дозволиме да замижиме и да оставиме уште една изгубена деценија позади нас. Ова е наша одговорност и наша должност, истакна премиерот.
Мицкоски посочи дека затоа избрале поинаков пристап.
-Веруваме дека напредокот не се гради преку наметнување туку со партнерство. Денес имаме воспоставен вистински партнерски однос со академската заедница. Добрата намера беше препознаена и заедно работевме на креирање на нов закон за високото образование кој ќе одговори на реалните предизвици и ќе отвори нови перспективи, рече премиерот.