Со инвестиција на Министерството за образование и наука од 36,7 милиони денари се проширува капацитетот на основното училиште „Страшо Пинџур“ во општина Ѓорче Петров. Се доградува нов објект со површина од 700 квадратни метри кој ќе има 6 училници и тоалети и со тоа ќе се создадат услови за воведување на едносменска настава во следната календарска година.
Денес на поставувањето камен темелник присуствуваа претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, министерската за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и градоначалникот Александар Стојкоски.
„Воведувањето едносменска настава во училиштата е цврста заложба на Владата и на Министерството за образование и наука, затоа што придобивките се бројни – децата се поконцентрирани кога часовите се одвиваат наутро. Се задржуваат повеќе на училиште, што е многу важно со оглед дека нашите ученици имаат 900 часа помалку во споредба со европските врсници до 15 годишна возраст. Понатаму, се овозможува поголема социјализација и се намалуваат трошоците за работа на училиштата, а заштедите можат да се реалоцираат за други корисни цели“, рече министерката Јаневска.
Информираше дека минатата година едносменска настава имало во 150 училишта, додека годинава е воведена во 200 училишни објекти. За проширување на овој концепт на работа, ќе се инвестира во зголемување на капацитетите на училиштата.
„Продолжувааме со вложувања во образовната инфраструктура и во периодот што следи. Во моментов имаме 30 активни градежни инвестиции како министерство, во вредност од 16 милиони евра, а многу скоро стартуваат и неколку нови, меѓу кои и проширувања на капацитети на постоечки училишни објекти за да овозможиме едносменска настава за што повеќе ученици и наставници“, додаде министерката.