Економија 03.08.2018 11:59

Трамп го зголемува притисокот врз Кина

Трамп го зголемува притисокот врз Кина

Вашингтон му се заканува на Пекинг со натамошна ескалација на трговскиот конфликт. Американскиот претседател Трамп сака царинење на увозот од Кина во вредност од 200 милијарди долари со стапка од 25%.

Доколку се остварат намерите на американскиот претседател Доналд Трамп, за кинеска стока која се увезува во САД во вредност од 200 милијарди долари би важела двојно повисока царинска стапка од актуелната, односно таа би се зголемила на 25%. Американската влада има намера со ваквата мерка да ја натера Кина на промена на политиката, со цел да се создадат поправедни пазарни услови, соопшти ополномоштеникот за трговски прашања на САД, Роберт Лајтхајзер.

„Многу јасно кажавме какви конкретни промени треба да направи Кина“, вели Лајтхајзер, додавјаќки дека кинеската влада „за жал не го променила своето однесување“, туку „реагира со одмазднички мерки против американските претпријатија, работници и земјоделци“.

Надминување на проблемите меѓу двете најголеми економии во светот не е на повидок. Доколку заканите на Трамп се остварат и бидат веведени повисоки царини за кинеска стока во вредност до 200 милијарди долари, тоа би значело дека заедно со други казнени царински стапки ќе биде погодена околу половина од вкупниот кинески извоз во САД.

Кинеската влада вчера го предупреди Трамп од натамошно заострување на конфликтот. „Доколку САД одат чекор понатаму, Кина мора неизбежно да возврати“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Генг Шуанг. „Притисокот и уценувањето од страна на САД нема да функционираат“, изјави портпоаролот пред новинарите во Пекинг, додавајќи дека Кина ќе ги брани своите легитимни права и интереси.