Актуелно 08.08.2018 16:13

Стоилковски: Оливер Спасовски мора да поднесе одговорност за скандалот со службениот џип

Стоилковски: Оливер Спасовски мора да поднесе одговорност за скандалот со службениот џип

Со денови се повеќе и поотворено јавно се покажува хаосот и башибозукот кој што владее во МВР. Аферата МВР – ТУРС за жал не е кулминација. Замислете, директор на Бирото за јавна безбедност злоупотребува службен џип за да го пренесе друштвото на својата ќерка на одмор во авто – камп во Грција и притоа да застанува по продавници, изјави на прес конференција Наум Стоилковски од ВМРО ДПМНЕ и додаде:

„Жртвувањето на директорот на БЈБ нема да ги реши проблемите во МВР. Нема да ги реши ниту обидот за дефокусирање со измислени „големи акции“ против наводни екстремисти или против поранешни градоначалници, само и само за да се оттргне вниманието од аферите поврзани со Оливер Спасовски. Бидејќи, токму кај него, кај министерот Спасовски лежи најголемата одговорност. Неговата партизација на полицијата и ставањето на МВР во партиска функција ја претвори Република Македонија во државата во која граѓаните не се чувствуваат безбедни. А, за тоа не може да ја понесе одговорноста само туроператорот Лазе Велковски. Оливер Спасовски мора да одговори зошто пет дена го криеше скандалот? Спасовски мора да каже кога и кому директорот на БЈБ ги пријавил заканите? Ако воопшто постоеле закани, какви биле тие закани и за што? Што има МВР преземено по тие закани и колкумина се приведени? Доколку МВР на Спасовски не апси и не може да открие кој му се заканувал на директор на Бирото за јавна безбедност за да биде гарантирана неговата безбедност, може ли Спасовски воопшто да гарантира безбедност на граѓаните и на државата? Дали пак можеби инсистирањето на оставка е дел од внатрешните пресметки во МВР откако директорот, познат како туроператор Велковски, неодамна го приведе Драган Симоновски, советникот и близок соработник на Спасовски?“

Стоилковски потенцираше дека партизацијата во МВР под Спасовски не ни може да даде поинакви резултати, освен низа афери поврзани од притисоци за формирање од општински совет во Гостивар до МВР – ТУРС, тепани полицајки од пајаци, нерасчистени криминал и свирепи убиства, опожарени возила и имоти, и само и само насилни акции против политички неистомисленици, критичари на актуелната власт и против пратеници, што всушност е евидентирано и од народниот правобранител.

Портпаролот на ВМРО ДПМНЕ упати и повик до Оливер Спасовски да престане да се крие зад туѓа одговорност и да поднесе оставка од местото кое е клучно за внатрешната безбедност на државата.