Економија 03.01.2019 21:25

АМСМ: Задолжителна употреба на зимска опрема на превојот Ѓавато

АМСМ: Задолжителна употреба на зимска опрема на превојот Ѓавато

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонија Пат, велат во попладневното соопштение од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).

Од таму додаваат дека во југозападниот дел од земјава паѓа снег со среден интензитет.

„На планинскиот превој Ѓавато задолжителна е употреба на зимска опрема, односно ланци на тркалата, а забрани за тешки товарни возила има на патните правци крак Маврово – Дебар и Гостивар – Кичево преку планинскиот превој Стража“, се наведува во соопштението.

Од АМСМ исткнуваат дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде се бележи појава на утринска магла, а исто така зголемена е и можноста од појава на одрони.

Возачите се потсетуваат дека од 15 ноември 2018 година на сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на временската состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март годинава.