Актуелно 01.09.2018 16:45

Арсовски: Анѓушев преку 4 јавни набавки се збогатил за 2.380.000 денари

Арсовски: Анѓушев преку 4 јавни набавки се збогатил за 2.380.000 денари

Прес-конференција на Димче Арсовски

Кочо Анѓушев вети и излажа.

Вчера повторно од медиумите имавме прилика да видиме обелоденети договори каде што јасно се гледа дека Кочо Анѓушев изминатиов период не прекинал со учество на државните тендери и јавни набавки преку неговите фирми.

Пред да потенцираме за кои набавки се работи, би сакал да потсетам дека Кочо Анѓушев во јавно излагање на емисијата Топ Тема самиот кажа дека неговите фирми ќе се откажат од аплицирање на  јавни тендери и нема да учествуваат во јавните набавки.

Почитувани,

Откога го кажа ова, Кочо Анѓушев како сопственик на фирмата Брако во 4 наврати склучува договори со државни институции на кои што тој им е вицепремиер, инкасира преку неговата фирма 2 милиони и 380 илјади денари.

Анѓушев после само 4 месеци откако јавно на телевизија кажа дека нема да учествува на тендерите и јавните набавки, склучил договор за набавка со Универзитетската клиника за кардиологија во висина од 641.920 денари.

По само 11 дена од оваа јавна набавка, како што веќе и обелоденивме пред некое време, Анѓушев преку неговата фирма Брако склучил договор со Психијатриска болница – Негорци, во вредност од 664.340 денари.

После само неполн месец од втората набавка, Анѓушев добива тендер и од Основниот Суд во Велес од скромни 82 илјади.

За на крај во месец април Анѓушев да ја добие четвртата јавна набавка за снабдување на болнички наткасни, во вредност од 988.642 денари, јавна набавка која што ја склучил со ЈЗУ Клиничка болница во Тетово.

Вкупно 4 набавки за фирмата на Кочо Анѓушев во вредност од 2 милиони и 380 илјади денари.

Ете колку Анѓушев е искрен кон македонскиот народ и ете колку му држи зборот. Зборот на  Анѓушев му држи исто како и ланскиот снег.

За на крај, вчера, Кочо Анѓушев да излезе и да каже дека директните странски инвестиции биле најголеми до сега. Најверојатно наместо на странските директни инвестиции, Анѓушев мислел на работата на неговите фирми, дека е на историски највисоко ниво до сега откога стана вицепремиер во Владата на СДСМ.

Да се грижеше Анѓушев за економијата и државата наместо за неговите лични фирми и тендерите, сигурни сме дека Република Македонија немаше да биде на работ на бездната со економски раст од само 0% и капитални инвестиции од историски најниски 20%, а граѓаните сигурни сме дека немаше да тонат во сиромаштија и да живеат полошо од било кога.

Почитувани,

Криминалното работење и сомнежот за криминалното работење на Анѓушев е пример дека оваа власт ниту поседува ниту пак практикува европски вредности за кои што сите се залагаме.

Со тендери за своите фирми и полнењето на личните банкарски сметки не се оди во ЕУ и НАТО.

На крајот, Република Македонија и граѓаните ќе победат, а криминалците ќе одат во затвор!