Автопатот Кичево – Охрид засега дупка без дно. И по една година не може да се утврди колку дефинитиво ќе чини оваа делница. Засега единствено што се знае дека на сметката има неискористени 220 милиони евра од 374 – те колку што ги даде кинеската ЕКСИМ банка за овој автопат. Не се знае колку ќе чини автопатот е поради препроектирањето на промашениот тунел, како и новите дополнителни работи како клучките, подвозниците, надвозниците, помошните патишта и косините. Проблем е и заработката што ја има кинеската фирма. Таа изнесува над 50 отсто.
„Се трудиме да одиме со цените од подизведувачите, а не со цените од Синохидро коишто биле досега. Но, повторувам за додатните работи кои се доста на број“, изјави Зоран Китанов, Агенција за државни патишта .
Од Агенцијата за државни патишта најавија дека за еден месец ќе утврдат колку ќе чини оваа делница. Дотогаш, главната цел на Министерството за транспорт и за Агенцијата ќе биде во Собранието да успеат да ги пренаменат 220 – те милиони евра кои се на сметката на ЕКСИМ банка. Овие пари би се користеле за други позиции кои можат да се градат, а не за предвидените кои се во застој. Како сево ова ќе заврши ќе се знае по разговорите со претставниците на ЕКСИМ банката кои треба да пристигнат во Македонија до средината на јули. Инаку, со препроектирањето ќе има и нова експропријација на земјиште.
„Кога ќе заврши препроектирањето следниве 15 – 20 дена, тогаш ќе имаме точна слика колку ќе ни треба експропријација. Сега зборуваме за приватни земјишта. Обештетувањето го плаќа Јавното претпријатие за државни патишта, но проценката ја прави државниот проценител“, вели Китанов.
Автопатот Кичево – Охрид требаше да заврши во јануари 2019 година, но поради лошото проектирање очекувањата се да се финализира во наредните три години.
Извор: Алсат