Американскиот милијардер Бил Гејтс ги опиша тензиите во глобалната трговија како „алармантни”, оценувајќи дека тие би можеле да го загрозат економскиот раст и вработувањето. Коментарите на Гејтс доаѓаат откако многу водечки светски организации веќе предупредија за ефектите од трговската војна врз светската економија.
Голем број земји во светот се вовлечени во актуелниот трговски конфликт, за кој најмногу е заслужен претседателот на САД Доналд Трамп. Европската унија (ЕУ), Канада и Мексико исто така беа вклучени во конфликтот со САД.
„Дефинитивно овој трговски конфликт изгледа страшно, особено доколку луѓето кои бараат работа надвор од сопствената земја, можат да се откажат во еден момент од тоа. Ќе следи негативно влијание врз светската економија, кое може да биде и многу посериозно, ако трговската војна продолжи со наметнувањето давачки. Реториката дека ќе користиме трговски царини и ќе принудиме некого да направи нешто, може да доведе до ескалација, да се најдеме во ситуација со многу давачки и тоа да го спречи увозот и извозот, како целина, што само по себе ќе претставува сериозна тежина за економски раст и за создавањето на нови работни места“, смета Бил Гејтс.
Коментарите на Гејтс доаѓаат во позадина на предупредувањата на голем број на големи организации за негативното влијание на растечката трговска војна врз светската економија. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), изјави во јуни дека доколку траат заканите од страна на САД кон нивните трговски партнери во однос на царините може да го намалат значително глобалниот економски раст до 2020-та година со 0,5% или 430 милијарди долари загубен БДП.