Власта подготвува законски измени за зајакнување на борбата со даночната евазија, но наместо поврат на ДДВ за граѓаните засега ќе се оди на промена во казнената политика и спречување на сторнирањето фискални сметки.
Повисоки глоби за неиздавање фискална
Министерството за финансии подготвува законски измени со кои ќе го доуреди начинот на кој се издаваат фискалните сметки во угостителските објекти и во обложувалниците за да се спречи практиката на нивно сторнирање со што се врши и даночно затајување.
„Се врши доуредување на начинот на издавање на фискални сметки кај вршителите на промет на храна и пијалаци за консумирање во рамки на објектот на давателот на услугата, како и издавањето на сторни сметки кај истите и обложувалниците“, стои во образложението за предложените измени на Законот за регистрирање на готовинските плаќања.
Дополнително со измените се предвидува и интервенција во казнената политика.
„Со цел намалување на фискалната евазија на даночните обврзници се врши доуредување на начинот на вршење на контрола и постапување на Управата за јавни приходи во случаите на констатирана неправилност. Дополнително со овие измени се врши доуредување на глобите во законот“, стои во образложението.
Според процените на надлежните една третина од прометот во државава е нерегистриран односно за него не се издаваат фискални сметки со што се избегнува плаќањето на ДДВ.
„Правиме силни обиди да ја отстраниме даночната евазија… Дури и во центарот на Скопје кога ќе седнете во некое кафуле не ви даваат фискална сметка. Тоа мора да се запре“, изјави премиерот Зоран Заев на вчерашната дебата на МТВ.
Засега ништо од повратот на ДДВ за граѓаните
Власта како опозиција ветуваше дека наплатата ќе ја подобри со проектот „Поврат на ДДВ кон граѓаните“ односно дека нив ќе ги натера да бидат еден вид даночни инспектори и да бараат сметки бидејќи на крајот од годината ќе им биде вратен дел од платениот данок.
„Секој граѓанин ќе добива назад по 15 проценти од платениот ДДВ во фискалните сметки. Тоа ќе значи, на крајот од годината, уште една плата плус во секое семејство“, стои во „Планот за живот во Македонија“.
Ова засега останува само во најава. Пилотот проектот кој требаше да започне во три општини од 1 јануари е откажан – било утврдено дека е против уставно за едни граѓани да има а за други да нема поврат на ДДВ и тоа единствено во зависност од местото на живеење.
„Бевме подготвени комплетно да влеземе од 1 јануари но со консултации со правните експерти во Владата како и со Уставниот суд ни беше кажано дека тоа е против уставно. Сакавме во три града да направиме пилот проект затоа што тоа е сериозна реформа“, изјави премиерот Зоран Заев на вчерашната дебата на МТВ.
Власта сега подготвува нов пилот проект кој треба да започне од 1 јули, а со него би биле опфатени невработените и социјалните случаи.
„Беше се подготвено. Дури се зајакнаа капацитетите на Управата за јавни приходи, ја разработивме платежната односно куповната картичка која ќе се даде буквално на секој граѓанин… Верувам дека до 1 јули ќе имаме доволно капацитет во Министерството за финансии, а пред се во Управата за јавни приходи да го стартуваме овој значен проект“, рече премиерот Заев.