Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека СДСМ и Зоран Заев се обидуваат преку манипулации да ги излажат граѓаните на Република Македонија дека нивото криминално и расипничко работење е по европски стандарди.
-СДСМ свесно поттикнува поделби во општеството со изјаснување кој е за и против НАТО или ЕУ поистоветувајќи ја западната ориентација со поддршката на капитуланскиот договор со Грција со кој што Заев се обидува да го покрие криминалот што го прави. Договорот со Грција не е ништо друго туку бришење на Република Македонија, македонскиот идентитет, откажување од традицијата, културата и историјата. Договорот со Грција значи менување на Уставот, јазикот и откажување од Македонците не само надвор од границите на државата, туку и во неа. Срамниот договор на Заев е капитулација каква што не прифатил ниту еден политичар до сега. Таков капитулантски договор може да прифати само политичар кој нема ниту капацитет, ниту храброст, ниту образ да ги брани државните и национални интереси. Политичар кој е аболициран за криминал, кој продолжува да работи криминално и кој за да се спаси е подготвен да ја витка кичмата. Тоа не се европски вредности, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Од таму велат дека не се европски вредности делење на средства од Фондот за иновации на роднини на функционери во Владата.
-Не е европска вредност доделување на тендери вредни милиони евра на фирми кои се формирани една недела пред да го добијат тендерот. Бизнисите за марихуана и доделување на градежно земјиште не се европска вредност кон која треба да се стремиме. Македонија и македонскиот народ нема никогаш да прифатат, ниту да ги поддржат распродавање на националните интереси се со цел прикривање на криминалот, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ
Од таму велат дека СДСМ и Зоран Заев треба да си заминат од власт.
-Само така Република Македонија ќе продолжи напред и на тој начин ќе ги достигне европските вредности кон кои се стреми од независноста па до сега. Затоа ги повикуваме сите граѓани да ни се придружат на протестниот марш кој што го организираме во Кичево во недела со почеток од 13 часот кај кружниот тек кај автобуската станица. Обединети, заеднички и сложно да и кажеме доста е на оваа ненародна власт, доста е со криминалите и доста е со распродавањето на државните и националните интереси. Граѓаните и Република Македонија ќе победат!м порачуваат од опозициската партија.