Актуелно 21.02.2019 15:33

Џафери ќе го врати до судот барањето за Вељаноски

Џафери ќе го врати до судот барањето за Вељаноски

Поради повикување на погрешен член од законот, претседателот на Собранието Талат Џафери ќе го врати до Кривичниот суд барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на поранешниот спикер Трајко Вељаноски.

Од собраниската прес – служба велат дека во моментот кога ќе стигне новото барање од судот, ќе биде постапено според сите рокови од Деловникот.

Барањето од Кривичниот суд во Скопје за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски, стигна околу пладне во Собранието на Република Северна Македонија.

По примеот на новото барање, Џафери треба да го достави до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Парламентот. Со Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања претседава пратеникот Павле Богоевски.

По добиениот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува за барањето на судот на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број на пратеници.

Најнови вести