Итна пратка и итен рок за извршување на казната од 2 години затвор. За екс премиерот Никола Груевски сите минимални рокови дополнително скратени за тој што побрзо да се јави на извршување на казната за набавката на владиниот Мерцедес, анализира телевизија Алфа.
Упатниот акт го доби утрово кога дојде во судот на друго судење. Рокот за извршување што обично е по два-три месеци, за некои и до година дена, за Груевски е скратен само на две недели, односно краен датум за извршување е 8 ноември. Ако судската пракса што важи за сите, важеше и за поранешниот претседател на Владата, тој ќе требаше да биде упатен на извршување на казната во декември. Но тоа во случајов не е така. Одбраната на Груевски ќе ги искористи сите правни лекови и од судијата за извршување санкции Пајазит Пајазити ќе побара одлагање.
Ова според правните експерти е издржано со оглед на природата на случајот но и законските одредби. Поранешниот претседател на Кривичен Владимир Панчевски објаснува дека постојат законски пречки за извршување на казната затвор за Груевски. Тој е пратеник, а според Законот за пратеници, што го објаснува Панчевски, предвидено е на пратеникот да му престане мандатот доколку е осуден за кривично дело со минимална казна од 5 години што во конкретниот случај не е така. Ниту делото за кој е осуден Груевски предвидува таква казна, ниту пак тој е осуден на 5 години.
Според обвинението Груевски влијаел МВР да набави возило со цел тој да добие награда, односно да се вози во него во период кога бил претседател на владата. Но и одбраната и уредбите на МВР се спротивни на тврдењата на СЈО. Тие јасно велат дека функционерите како претседател на државата, премиер, претседател на собранието и министер за внатрешни работи задолжително треба да се возат во блиндирани автомобили. Во таканаречениот Тенк, не се возеше само Груевски како премиер, туку и неговиот наследник Заев.
Блиндираниот мерцедес, како единствено такво безбедносно возило кај нас, редовно се користи за превоз и на сите високи странски гости и делегации кои во минатото но и периодов интензивно ја посетуваат Македонија. Уште од самиот старт на судењето Груевски тврдеше дека ова е политички монтиран случај и порака до сите кои се непослушни дека може да завршат во затвор, без каква било вина.