Потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерман, во Брисел ги претстави новите европски правила во однос на пластичните производи за еднократна употреба, сѐ со цел да се намали загадувањето на морињата и крајбрежните области.
Имено, Европската комисија предлага забрана на десетина пластични производи кои најчесто може да се најдат во пластичниот отпад што го загадува морето, како што се пластични стапчиња за чистење уши, пластични стапчиња за балони, пластичен прибор за јадење и пластични сламки, а се предвидува и значително намалување на користењето на пластични шишиња за пијалаци, пластични чаши, како и пластични пакувања и обвивки за храна. Производителите на цигари, во иднина ќе имаат обврска да го помогнат чистењето на отпадот, исто како и производителите на влажни шамивчиња.
Наведените пластични производи претставуваат 70 проценти од ѓубрето што може да се најде на европските плажи и околу половина од отпадот што го загадува морето. Пластиката многу бавно се разградува во природата и е проблематична во контекст на загадувањето на животната средина, како и директното негативно влијание врз многу животински видови кои живеат во морето. Смртоносни остатоци од пластика се наоѓаат во мртви желки, риби, делфини и китови, a на тој начин штетната пластика влегува и во човековиот ланец на исхрана. ЕК смета дека сегашната состојба е штетна од економски аспект, на пример, високите трошоци за чистење и загрозувањето на туризмот, а се разбира и во еколошка смисла.
Комисијата има намера новите правила, кои се дел од Акциониот план за циркуларна економија, во иднина да го поттикнат рециклирањето на пластични шишиња за околу 90 проценти, додека пак инвестициите во индустријата за рециклирање би требало да создадат триесет илјади нови работни места на територијата на ЕУ. Предлогот на ЕК сега е испратен до Европскиот парламент и до Европскиот совет и се очекува да биде усвоен до мај следната година.