Актуелно 15.08.2018 11:57

Финансиската полиција влезе и во општина Центар

Финансиската полиција влезе и во општина Центар

Управата за финансиска полиција ја чешла документација на Општина Центар. Покрената е предистражна постапка за случајот во кој „Пелагонија АД Гостивар“ доби 1,6 милиони евра пари од општинската каса за проект кој беше укинат од градоначалникот Андреј Жерновски кога дојде на чело на општината. Извори за Алсат М велат дека истрагата била на барање на Општина Центар. Вчера, директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми во интервју за Алсат М рече дека имаат отворено постапки и за актуелни функционери .

Имаме случај каде што се инволвирани и одредени функционери од сегашната власт. Верувам дека во идно време и тие ќе бидат завршени со резултати со кои ќе бидат поднесени соодветни пријави до јавното обвинителство – изјави Арафат Муареми, директор на управата за финансиска полиција.

Станува збор за катната гаража која требаше да никне спроти зградата на Нова Македонија. Општина Центар еднострано го раскинала договорот иако градежната компанија веќе ја имала добиено работата. Од Општина Центар не одговорија на нашите пораки, додека Жерновски за Алсат-М изјави дека е запознаен со истрагата на финансиската полиција, но тврди дека нема ништо незаконски во целата постапка.

Договорот не го раскина Општина Центар, туку самото градежно претпријатие “Пелагонија АД Гостивар” и тоа со судска пресуда. Надвор е од било каков разум е да се прифати тезата дека тие имаат изгубена добивка во висина на цената за која требала да ја изградат барокната катна гаража. Според пресудата, произлегува дека “Пелагонија” би ја изградила гаражата со 0 денари трошоци. Спорот се’ уште не е конечно решен и верувам дека Врховниот суд ќе ги корегира нелогичностите на пониските судови – рече Андреј Жерновски.

Став побаравме и од градежната компанија, но оттаму најавија дека утре ќе ни го соопштат својот став. Според информациите, актуелното раководство на Општина Центар ќе се жали кај Врховниот Суд и ќе бара поништување на судската одлуката со која „Пелагонија АД Гостивар“ е обештетена со над еден милиони евра, бидејќи најпрво добила работа од претходникот на Жерновски – Владимир Тодоровиќ, за подоцна, договорот за изведна на објектот да биде раскинат

Извор:Алсат