Актуелно 07.10.2018 13:44

Героски: Како може да се гласа за 5, 10 или 20 секунди?

Героски: Како може да се гласа за 5, 10 или 20 секунди?

Референдумот заврши. Резултатот е познат, анализиран, искоментиран. И затоа, можеби токму сега, кога резултатот не може ни да се подобри, но ни да се влоши, е време да се отворат некои дилеми во врска со гласањето, кое, судејќи според отсуството на инциденти и приговори, поминало во најдобар можен ред. Дали било баш така, прашува новинарот Бранко Героски во својата нова колумна.

Во продолжение пренесуваме дел од неговата колумна насловена како: Како може да се гласа за 5, 10 или 20 секунди?

Порталот Плусинфо веќе објави некои загрижувачки факти за гласањето. Да се потсетиме. На избирачкото место 0543 во Центар Жупа, од 18.30 до 19 часот, гласале 331 гласач, или по еден на секои 5,4 секунди. Тоа веројатно е светски рекорд! На избирачкото место 1913 во Велешта во општина Струга, од 18.30 часот до 19 часот гласале 199 избирачи, или по еден на секои 9 секунди. На избирачкото место 2453 во Долно Свиларе во општина Сарај, од 15 до 17 часот гласале 360 избирачи, или по еден на секои 20 секунди.

Математиката не е погрешна. Еве, на примерот кај светските рекордери во Центар Жупа: 30 минути е 1.800 секунди; поделено со 331 гласач, тоа е 5,4 секунди по гласач! Не ми е јасно, како е можно да се гласа за 5,4 секунди? Влегуваш, даваш лична карта, те бараат во избирачки список, спреј на прстот, гласаш зад параванот, го уфрлаш ливчето во кутија – сето тоа за 5, 10 или 20 секунди. Може некој да ми демонстрира?

Кога мојот извор (од ВМРО-ДПМНЕ) ми ги достави податоците за овие три избирачки места, прво што помислив е дека луѓето се во рурални средини, па нормално е дека гласале попладне, после завршување на земјоделските работи. Арно ама, навистина и теоретски е невозможно да се гласа за 5, 10, 20 или 30 секунди.

Второ што помислив е следново – па добро, можеби се полнеле кутиите само на три избирачки места. Си знаат тие од ВМРО-ДПМНЕ како се полнат кутии, што има да правиме голема врева за три кутии? Арно ама, човекот после ми испрати податоци за 39 такви избирачки места! Секаде истата приказна. Многу незгодно…

На сите тие избирачки места има енормно зголемување на одзивот на избирачите во споредба со локалните избори од 2017 година. Така, на пример, на избирачко место во селото Зајас, на локалните избори лани излезноста била 42 отсто, а сега – 79 отсто. При тоа, до 15 часот, излезноста била само 17 отсто, а потоа таа расте вртоглаво. Чудно, нели?

На едно избирачко место во селото Шишево во општина Сарај, излезноста е 89 отсто, при што половина од резултатот е постигнат од 17 до 19 часот. Многу интересен податок има за едно избирачко место во селото Радуша. На изборите во 2014 година, одзивот бил 47 отсто. Во 2017 година, одзивот паднал на 36 отсто. Сето тоа е нормално и очекувано, бидејќи голем дел од жителите се иселени. На референдумот сега, одзивот е неверојатни 96 отсто! Како е тоа можно?

Целата колумна, прочитајте ја на ПЛУСИНФО