Kредиторите се договорија за начинот на излегување на Грција од програмата за помош која од земјата се користи веќе осум години и за мерките за намалување на долгот, информираат повеќе релевантни извори.
„Постигнавме договор за Грција“, изјавил европски извор синоќа, по состанокот на министрите за финансии на еврозоната во Луксембург, кој траел повеќе од шест часа.
Други два извора за агенцијата АФП изјавиле дека новиот договор ќе овозможи, како што претходно било планирано, официјална Атина од 20 август веќе да не биде под покровителство на доверителите и повторно сама да почне да се финансира на пазарите, по повеќегодишната длабока рецесија.
Расправата се продолжила бидејќи Германија во последен момент се спротивставила на намалување на грчкиот долг, кој останува највисок во ЕУ (180 отсто од БДП).
Како што наведуваат европски извори, министрите од еврозоната на крајот се согласиле дека ќе ги продолжат роковите за исплата на поголем дел од долгот за десет години, што е и последното олеснување оценето како неопходно, со цел да се обезбеди кредибилитетот на Грција на финансиските пазари.
Европејците, исто така, се согласиле за исплата на последниот пакет од 15 милијарди евра помош. По напуштањето на програмата, Атина ќе биде под европска контрола, која ќе биде многу построга отколку во Португалија, Кипар и Ирска.
Грција во последните осум години доби повеќе од 273 милијарди евра помош од своите доверители, еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), преку три програми за помош.
За возврат, Грците мораа да спроведат стотици реформи, често болни за општеството, особено за да ги залечат своите јавни финансии.