Актуелно 04.09.2018 16:08

Груевски: Власта води политичка хајка, а судиите работат под притисок- мене не ме суди судот, туку политиката

Груевски: Власта води политичка хајка, а судиите работат под притисок- мене не ме суди судот, туку политиката

Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието на РМ, Никола Груевски денеска најави дека утре нема да се појави во Апелацискиот суд, а на седницата за „Тенк“ нема да присуствуваат ниту неговите адвокати зашто, како што рече, и онака одлуката е политички веќе донесена.

Груевски обвини дека власта води политичка хајка против него, а судиите се професионални, но работат, како што рече, под притисок.

– Ниту јас, ниту моите адвокти нема да се појавиме утре на седница. И нивното присуството во Апелација не може ништо да промени. Никакви правни аргументи не се доволни на однапред политички договорена пресуда и однапред донесена политичка одлука. Ако судиите се толку исплашени и подлегнале на политичка нарачка, ете им можност без мене да донесат каква сакаат пресуда. Ниту едно незаконско ставање во затвор нема да ги избрише од меморијата на граѓаните делата кои сум ги направил за оваа држава и овој народ, за бранењето на државните интереси, истакна Груевски.

Ќе дојде време, додаде, кога народот ќе си ја врати власта во свои раце и кога ќе се преиспитаат ваквите одлуки.

– Мене не ме суди судот, туку политиката. Се ќе се издржи и ќе помине, но нема да се заборави. Судството ме товари зашто бев водач на ВМРО-ДПМНЕ и зашто на некого му пречам. Судиите се професионални и стручни, но работат под голем притисок, а некои се блиски и до Зоран Заев, укажа Груевски.

Се пожали и дека во петокот му бил закажан термин за седница кога сите негови адвокати учествувале на рочиште за „27 април“, а тој сам во Апелација поминал 11 часа.